Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) денеска во М-НАВ ќе разговара со контролорите, а ќе се преслушаат и аудиозаписите на контролната кула со пилотите. Ќе истражува за безбедносниот настан на седми месецов над Скопје, кога бил избегнат судир меѓу два цивилни авиона. Ќе ги преслушаат снимките од комуникацијата меѓу контролорите и пилотите, и ќе ги прегледуваат видеозаписите.
Да се проверат фактите и да не се избрзува со заклучоци, повика Здружението на контролори на летање. По информацијата дека на 7-ми месецов за влакно била избегната авионска несреќа со директен судир на два патнички авиони на македонското небо. Од Здружението се огласија дека пријавата за настанот била навремено процесуирана и нема намера да се забошоти случајот.
„Прогласувањето на овој настан за „сериозен инцидент“, без притоа да се проверат фактите не оди во насока на правично и вистинито расветлување на случајот. Напоменуваме дека „Flightradar24“ не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци“, велат од Здружението.
Доколку има елементи на кривично дело, и Обвинителството ќе се вклучи во истрагата. Според Здружението на контролори на летање, прогласувањето на настанот за сериозен инцидент, без проверка на факти не оди во прилог на правично расветлување на случајот и дека алатката Флајт-радар 24, која го следи движењето на сите авиони во светот, не е релевантна за давање точна позиција во реално време.
Пилотите на авионите на Туркиш ерлајнс и Сан-експрес успеале да реагираат за неколку секунди, да се разминат на околу 300-та метри висинска разлика и да спречат огромна катастрофа.