Кипар ги укинува ограничувањата, очекува туристи

од Stefanija Kuzmanovska

Кипарската влада ќе ги укине повеќето преостанати ограничувања наметнати поради пандемијата три недели порано, бидејќи стапката на инфекција со коронавирус е постојано мала, дури и еден месец откако беше укината забраната за излегување надвор, пренесе „N1“.

Министерот за здравство Констандинос Јоану изјави дека третата фаза од постепеното укинување на ограничувањата ќе биде завршена на 24 јуни, наместо на 14 јули, како што беше планирано.

Од 9 јуни повторно ќе започнат со работа трговските центри, аеродромот, хотелите, баровите и рестораните, летните кина и театрите на отворено.

Оттогаш, повторно ќе има спортски натпревари, но без публика, ќе започнат со работа градинките, детските игралишта, летните училишта и училишните мензи.

До денес, Кипар објави 952 заразени со коронавирус и 17 смртни случаи.

Владата настојува да го започне доаѓањето на странските туристи, кои носат 13 проценти од бруто-домашниот производ на Кипар, но сега работат само неколку хотели.

Патниците ќе мора да покажат здравствени потврди – дека не се заразени со коронавирусот.

Кипарските претставници за туризам сметаат на 20 јуни како почеток на летната туристичка сезона.

Слични содржини