Климатските промени би можеле да доведат до исчезнување на коралните гребени

од Stefanija Kuzmanovska

Климатските промени би можеле да ги убијат сите корални гребени на Земјата до 2100 година, покажаа американските научни истражувања, објави „Алџезира Балканс“.

Во текот на следните 20 години се очекува да исчезнат од 70 до 90 отсто од сите корални гребени поради затоплување на океанот, закиселување на морињата и загадувањето, велат научниците од Универзитетот Маноа на Хаваи, пренесува Хина, повикувајќи се на Си-Ен-Ен.

„До 2100 година, изгледите се прилично мрачни“, вели Рене Сетер, една од научниците од Универзитетот.

Некои активисти и научници работат на обновување на коралните гребени и ги одгледуваат во лаборатории, а потоа ги враќаат во морето.

Но тоа можеби нема да биде доволно за да се спасат коралните гребени, предупредуваат научниците.

Како дел од новата студија, беа создадени мапи на океанот со локации што ќе бидат најпогодни за обновување на гребените, земајќи ги предвид факторите како што се киселоста на водата, температурата на морето и густината на човечките населби.

Уништувачките последици по човештвото

Откако ги проучувале светските океани, научниците дошле до заклучок дека „до 2100 година ќе преостане само по некој или ниту еден корален гребен“.

Повеќето делови од океанот каде што живеат коралите нема да бидат погодни за нивниот живот до 2045 година, а таа состојба ќе се влоши до 2100 година.

„Искрено, повеќето локации се уништени“, рече Сетер.

Научниците предупредуваат дека климатските промени се голем убиец.

Загадувањето од страна на луѓето, иако е проблем, е само мал дел од големата закана.

Уништувањето на гребените ќе има разорни последици врз човештвото.

Речиси милијарда луѓе зависат од нив како главен извор на белковини, а тие исто така ја штитат и крајбрежната зона и инфраструктурата, што значи дека нивното исчезнување би можело да ја загрози безбедноста и одржливоста на крајбрежните населби.

Слични содржини