Климатските промени доведоа до невообичаен нов животински вид кој се појави на Алјаска – пизли мечка!

од Stefanija Kuzmanovska

Поради климатските промени, поларните мечки изумираат, но глобалното затоплување доведе до создавање на нов животински вид, мечка пизли, која ќе продолжи да ги носи гените на овој загрозен вид.

Имено, како што се топи мразот на Антарктикот, поларните мечки сè повеќе се повлекуваат на копно во потрага по храна и се парат со мечките гризли, односно сивите мечки кои патуваат кон Алјаска, изјави за „Дејли меил“ палеонтологот Лариса ДеСантис.

Овој нов вид мечка е многу поотпорен на климатските промени и полесно се прилагодува, објаснува ДеСантис, која за изумрувањето на поларните мечки ја обвинува нивната специфична прехрана. Тие се хранат главно со фоки, и тоа со нивната внатрешност и кожа и маснотии, а поради топењето на глечерите, мечките се спречени да ловат.

ДеСантис и нејзиниот тим ја споредија вилицата на поларната мечка со онаа на гризли, што пак покажа можност за прилагодување на потоплите временски услови.

– Поларните мечки и гризли делеле предок пред 500.000 до 600.000 години. Сега катниците на поларната мечка се помали од оние на гризли, но затоа нивните заби се поголеми. Тоа е затоа што главно се хранат со маснотии. Исто така, поларните мечки имаат подолги черепи кои се прилагодени за лов на фоки, истакнува ДеСантис.

Сепак, токму тоа е она што ги спречува да се прилагодат на нова прехрана, со оглед на тоа дека им е тешко да јадат цврста храна.

Промената на теренот предизвикана од глобалното затоплување исто така значи дека гризли можат да стигнат подалеку на север и да се борат против поларните мечки за која било достапна храна.

Сепак, движењето на гризли на север и миграцијата на поларните мечки на југ придонесоа за создавање на нов вид – пизли мечка – редок хибриден вид, првпат забележан во дивината во 2006 година.

Новиот вид има претежно бело крзно со кафеав тон, и муцка што е комбинација на овие две мечки.

Слични содржини