Клиниките добија заштитни маски испечатени на 3D принтери

од Берта Китинска

Екипата на иницијативата за печатење медицинска опрема вчера достави околу 500 маски на голем дел од клиниките. Планот е да се изработат најмалку 6.000 заштитни маски со визири во најкраток можен рок.

– Во текот на вчерашниот ден беа доставени околу 500 маски во следниве институции: ЈЗУ Урологија, ЈЗУ УГАК, Институт за трансфузиона медицина, ЈЗУ Гастроентерохепатологија, Клинички лаборатории, ЈЗУ Хематологија, ЈЗУ ОРЛ, ЈЗУ Кардиологија, ЈЗУ Неврологија, ЈЗУ Неврохирургија, ЈЗУ Радиологија ЈЗУ Онкологија, ЈЗУ Пулмологија, ТБЦ Институт, ЈЗУ Дигестивна хирургија, ЈЗУ Торакална хирургија, Општа Болница Куманово и Итна Помош Куманово. Покрај готови маски материјал за работа е испратен до сите помали производствени групи по градовите низ државата, наведуваат во соопштение носителите на иницијативата.
Додаваат дека планот за текот на утрешниот ден е да се завршат сите јавни здравствени установи во Скопје и согласно со ресурсите да продолжат и реализираат активности во што повеќе јавни здравствени установи низ цела држава.

– Во целиот процес нема да бидат изоставени и матичните лекари и колку што сме во можност ќе помогнеме и кај приватните здравствени установи. Во изминативе два дена екипата на иницијативата за печатење медицинска опрема работи со полна пареа. Целата иницијатива започна со неколку 3D принтери, а моментално се работи со над 50. Со ова темпо планот е да се изработат најмалку 6.000 заштитни маски со визири во најкраток можен рок, истакнуваат од екипата на иницијативата за печатење медицинска опрема.

Слични содржини