Клоп: Нема да привлекуваме повеќе играчи

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, повтори дека клубот нема да ангажира повеќе играчи ова лето.

„Црвените“ ги зедоа Дарвин Нуњез, Фабио Карваљо и младиот Шкотланѓанец Калвин Ремзи, а се разделија со Садио Мане, Такуми Минамино, Нико Вилијамс и Дивок Ориги.

„Доколку нема повреди или продажба на играчи, ова ќе биде нашиот состав“, изјави Клоп.

Германецот ги прокоментира и трансферите на конкурентите: „Не можам да кажам дека други направиле грешки на трансфер пазарот. Од претходно беше јасно дека Тотенхем оди во вистинска насока во однос на селекцијата. Сити донесе играчи, но му даде двајца на Арсенал и еден на Челси“.

Јирген зборуваше и за новото засилување Дарвин Нуњез, кој постигна четири гола во последната контрола на тимот.

„Потребно е време за да се навикнеме еден на друг, што е сосема нормално. Нема смисла тој да биде во врвна форма по три дена тренинзи. На напаѓач со неговиот квалитет ќе му треба време бидејќи е различно од она што го имавме досега. Играме поинаку од Бенфика, па тој и тимот мора да се прилагодат. Тој не постигна гол во првите два натпревари и веднаш имаше дискусии на оваа тема. Живееме во луд свет. Потоа постигнува четири и зборуваме за другата крајност. Дарвин е многу добро момче. Нашата шпанска заедница многу му помага и тој веќе учи англиски, напорно работи за да ги разбере основите. Сè се развива во вистинската насока“.

Слични содржини