Клоп: Нема лесен пат во Лигата на шампионите

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека е задоволен од ждрепката во Лигата на шампионите, која ги испрати „црвените“ во група со Ајакс, Наполи и Ренџерс. Тој е на мислење дека секоја од екипите има шанса да се пласира во осминафиналето.

„Сите тимови се на високо ниво, со богата историја и би рекол дека секој има шанса да оди напред. Доброто е што тоа важи и за нас“, ја демонстрира смислата за хумор Клоп.

„Ова не е турнир во кој може да се надевате дека ќе имате лесен пат. Стандардите во Лигата на шампионите секогаш биле многу високи. Сезонава групната фаза ќе се одржи во пократок период, па мора да бидеме подготвени не само за ривалите, туку и за новиот ритам. Мислам дека сите натпревари ќе бидат интересни и тензични. Групата е силна и ќе претставува вистински тест за нас“, продолжи Германецот.

„Нема да ни треба долго време да ги истражиме противниците. Пред неколку години одигравме два многу тешки натпревари со Ајакс, а со Наполи често се среќаваме, па добро се познаваме. Ренџерс се нов противник, но и ние ги знаеме. Клубот помина низ многу тешкотии во последните години за да се врати во Лигата на шампионите“, прокоментира Клоп.

Слични содржини