Клоп: Виљареал одигра неверојатно, но ние заслуживме да победиме

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, смета дека неговиот тим заслужено победил со 3:2 во реваншот со Виљареал, со што се пласирал во финалето на Лигата на шампионите. Тимот од Мерсисајд губеше со 0:2 на полувремето и беа доведени во многу тешка позиција, но успеаја да го подигнат нивото на перформанси во вториот дел и да направат целосен пресврт. Германецот му честиташе на противникот за добрата игра и откри што им рекол на своите играчи во соблекувалната на паузата.

„На полувремето им кажав дека мора да покажат подобра игра од првото полувреме. Ги замолив моите помошници да најдат нешто што го направивме добро во првото полувреме за да им го покажеме на играчите и да ги насочиме во вистинската насока“. „Но тие ми рекоа „нема“. Затоа само им кажав на момците дека треба да бараат повеќе празни места, да бидат пофлексибилни и да најдат начин да се извлечат од тактиката на противникот со бранење човек на човек“, изјави Клоп.

„Игравме на неверојатен стадион и Унаи заврши одлична работа тука. Виљареал покажа одличен фудбал во првото полувреме, но на крајот заслужено победивме. Мислам дека одигравме 500 натпревари оваа сезона, така што тоа е неверојатно достигнување“, додаде Германецот.

Тој ја коментираше и промената на полувремето, кога го извади Диого Жота и го замени со Луис Дијаз, кој радикално ја промени играта на „црвените“: „Нашиот проблем во првото полувреме не беше во Диого Жота. Имавме 11 проблеми ова полувреме“.

За потенцијалниот ривал во финалето, Клоп призна дека не би сакал ниту една од двете екипи кои се во другото полуфинале – Реал Мадрид и Манчестер Сити.

„Ќе гледам со интерес. Со кого и да играме ќе биде огромен судир. Да можам, не би избрал ниту еден од овие тимови. Кој и да победи утре ќе биде заслужен и ќе го чекаме во Париз. На полувремето многумина мислеа дека натпреварот оди повеќе на 3:0 отколку на 2:1. Но, знаев дека сè уште сме во игра. Гледајќи како го променивме движењето на теренот во вториот дел, знаев дека можеме да ги свртиме работите, само требаше да постигнеме гол. Тоа беше голема победа – навистина, навистина посебна“, заклучи тренерот.

Слични содржини