Клучни елементи од Договорот со Грција

од desk4

 Согласно членот 1 од Договорот, официјалното име за севкупна употреба ќе биде „Република Северна Македонија“ или скратено „Северна Македонија“.

Договорот предвидува превод на името Република Северна Македонија на сите јазици.

На пример: Republic of North Macedonia. Договорот не предвидува транскрипција на името Република Северна Македонија на латиница.

Во однос на јазикот, Договорот предвидува дека официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици (на пример, на англиски јазик „Macedonian language“).

Во однос на македонскиот јазик, во ООН во Њујорк останува да пишува – МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК – без никаква фуснота со дообјаснување. Македонскиот јазик е утврден – идентитетот е зачуван.

Во самиот договор има член во кој се нотира научниот факт дека Македонскиот јазик е дел од јужнословенската група јазици. Но, во ООН  нема фуснота.

Во однос на државјанството/националноста (Nationality) тоа е утврдено во Договорот како „Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ преведливо на сите јазици (на пример, на англиски јазик: Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia).

Во однос на именувањето на државните институции, тие ќе го следат принципот на договорот односно новото утврдено име на државата.

Сите други организации, компании, здруженија или било какви активности и атрибути може слободно да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски, како дома, така и секаде во странство.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно, а тој ќе стапи на сила откако двете страни ќе го прифатот согласно внатрешните процедури. Доколку која било од страните не го прифати Договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека Договорот не важи.

Државните симболи не беа дел од преговарачкиот процес. Ова значи дека Химната, Грбот и Знамето остануваат и тука ништо не се менува.

Спомениците кои се изградени во рамките на Скопје 2014 години кои ја отсликуваат хеленската култура како историско и цивилизациско наследство на светот, ќе го добијат тој епитет исто така.

Имено, Воинот на Коњ ќе се преименува во тоа што вистински е – Александар Македонски и ќе се даде објаснување во рамките на споменикот за кого станува збор, односно дека Александар Македонски, како дел хеленскиот антички период е светскот културно наследство.

Нема уривање на споменикот на Александар Велики. Останува како симбол на пријателството меѓу двете земји.

Истото ќе се случи и со споменикот на Филип II Македонски и на Олимпија.

Сите евентуални решенија во врска со спомениците кои се дел од светското цивилизациско наследство ќе бидат во  насока на потврдување и зајакнување на пријателството меѓу Македонија и Грција.

Во однос на кодовите –  МК – МКД остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови. Регистарските таблици на возилата не се дел од меѓународната кодификација и заради тоа таблиците ќе го следат духот на договорот кој ќе се потпише со Грција.

 

Суштинската основа на Договорот за решавање на спорот меѓу Република Грција и Република Македонија

Спорот којшто Грција го имаше со нашето уставно име од независноста на Република Македонија и траеше до денес беше пречка за прием на Република Македонија во Обединетите нации и за нејзино целосно меѓународно признавање и етаблирање. Од таму произлезе и  референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ (со често користен акроним ПЈРМ-FYROM) која секогаш  беше наметнувана како нужност при зачленувањето во ОН, ОБСЕ, Совет на Европа и други организации. Овој спор беше причина за блокада на Република Македонија во остварување на стратегиските цели за зачленување во ЕУ и НАТО.

Основата на договорот е тоа што во истиот е прецизно утврдено како Грција го толкува и поимува поимот Македонија и Македонски и тоа како ние за нас го толкуваме и поимуваме поимот Македонија и Македонски.

Со член 7 од Договорот се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и Македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата, истовремено во договорот е утврдено дека Македонија и Македонски во наш контекст ги отсликува нашата територија, јазик, народ со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство различни од оние во Грција. Согласно ова, ние имаме право да се определуваме како Македонци без никакви ограничувања.

Придобивки за Република Македонија од процесот на преговори со Република Грција и од постигнувањето на билатералниот договор

Владата цени дека со овој Договор, Македонија добива:

Полноправно членство во Јадранско-Јонската иницијатива и II фаза на процесот на Стабилизација и асоцијација за членство во ЕУ, каде што Македонија беше блокирана од Грција од 2004.

Се отстрани последната пречка за членството во НАТО. Македонија ќе добие покана за членство во НАТО и ќе биде 30 членка на Алијансата.

Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ.

Конечно, за сето ова граѓаните ке го имаат последниот збор за Договорот на рефрендум. „Граѓаните се тие кои ќе одлучат за оваа голема одлука. Веруваме дека ќе го донесат вистинскиот избор. Веруваме дека имаме добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина.“ коментираат владини извори.

Доколку граѓаните не го прифатат договорот на референдум или доколку Грција не го ратификува договорот, тогаш не важи ниту една одредба во договорот. Нема да се прави никаква промена во името на државата или во Уставот.Но, исто така доколку договорот не се спроведе во целост, од наша или од грчка страна, тогаш нема да имаме можност за членство во ЕУ или НАТО.

Со Договорот се добива недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонци, македонец, македонка, македонско. Како дома, така и во странство. Преведено без ограничувања на сите јазици во светот. Идентитет за севкупна употреба. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани.

Имплементацијата на домашните промени согласно договорот ќе се случувата во фази. Како што ќе напредуваме во ЕУ, согласно со отворањето на поглавја за членство во ЕУ, така ќе го спроведуваме договорот дома.

Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, се претвораме во позитивен пример/модел што другите сакаат да го следат. Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив. Создаваме нови односи со соседите“.

Добиваме нов пријател, кој до вчера ни беше најголем непријател. Градиме пријателство со Грција. Ќе бидат наши поддржувачи, ќе бидеме партнери и сојузници. Трасираме пат за заедничко стратешко партнерство

Добивме достоинствено решение. Македонско име кое е географски прецизно. Факт е дека нашата држава е во северниот дел од регионот Македонија што се протега во повеќе држави (Бугарија, Грција и мал дел во Албанија).

Нашиот идентитет е потврден и зајакнат. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Северна Македонија. Тоа е потврда за нашиот идентитет и гаранција дека и во иднина идентитетот ни е гарантиран.

Во иднина нема да има повеќе оспорување на нашето име, на нашата припадност, на нашиот јазик и идентитет. Нема да имаме повеќе фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани.

Добиваме јасна перспектива и можности за развој. Тоа е од суштинска важност за нашата економија. Добиваме поголем пристап и можности за користење на ЕУ фондови.

Добиваме шанса да бидеме свои на своето. Еднакви со другите во регионот, и рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Да седиме рамо до рамо со најсилните и најразвиените. Тоа е шанса за младите луѓе да бидат еднакви со нивните врсници во ЕУ. Тоа е можност за развој дома и просперитет за сите. Ја носиме Европа тука и создаваме можности за младите дома.

Одиме кон иднината. Не робуваме на минатото. Одиме напред, без страв и без предрасуди. Знаеме кои сме и што сакаме. Не треба да им подлегнеме на емоциите кои се јавуваат при секоја промена. Ако рационално размислиме тогаш ќе сфатиме дека ништо не губиме, а можеме да добиеме се.

Започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, ќе го зајакне процесот на домашни реформи. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и зголемувањето на животниот стандард, а членството во НАТО и преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи. Државата ќе зајакне. Институциите ќе бидат посилни.

Во однос на дилемата дали Владата има законско право да преговара и склучува меѓународни договори, владини извори укажуваат дека правниот основ за водење на преговорите за надминување на разликите како што е опишана во резолуцииите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993) се токму овие резолуции, како и членот 5, став 1 од Времената спогодба од 13 септември 1995 година, ратификувана во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 48 од 12.11.1995) според кој “страните се согласија да ги продолжат преговорите под покровителство на Генералниот секретар на Обединетите нации согласно резолуцијата 845 (1993) со цел постигнување на спогодба во однос на разликата опишана во таа резолуција и во резолуцијата 817 (1993).

Понатаму, согласно член 23, став 2 од Времената спогодба, “Времената спогодба ќе остане во сила се додека не биде надмината со конечна спогодба…” Исто така и  согласно член 3, став 2 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, во кој пишува дека „меѓународни договори во име на Република Македонија може да склучува и Владата на Република Македонија со кои се уредуваат прашања од области, кои претставуваат предмет на регулирање на оваа Спогодба“.

Грчкиот весник Катимерини синоќа а го објави целосниот договор што македонската и грчката влада го постигнаа за името.

Договорот можете да го прочитате на овој линк.

Слични содржини