Клучниот советник на премиерот Џонсон за коронавирусот: Потребно е итно да се вратиме на стратегијата на „групен имунитет“

од Nikola Popovski

Велика Британија би можела да се врати на стратегија за „групен имунитет“, доколку заразениот премиер Борис Џонсон ги послуша советите на неговиот главен советник за коронавирусот, професорот Греам Медли.

Тој рече дека единствениот излез од оваа здравствена криза е да се соберат доволно луѓе, кои се заразат и на тој начин ќе станат отпорни на вирусот, а сега тврди дека донесениот пристап за воведување на радикални ограничувања ја остави Велика Британија во незгодна ситуација, од која ќе биде тешко да се излезе.

Според „Дејли меил“, сегашните ограничувања нема да ја извлечат земјата од пандемијата, тие само ќе ја намалат на краток рок, но во исто време ќе ја донесе британската економија на колена. Големата невработеност, порастот на случаи на семејно насилство и многуте проблеми со менталното здравје на кои никој не им обраќа внимание, би можеле, според предвидувањата на Медли, да го парализираат нормалното функционирање на општеството.

Научникот тврди дека на 13 април, кога треба да се ревидираат мерките, Џонсон мора „да донесе голема одлука“.

Сепак, британската влада се чини дека не размислува за попуштање во поглед на мерките и ова е поткрепено со неодамнешните изјави на министерот за здравство, Мет Хенкок, кој вчера предупреди сите да ги почитуваат сите наметнати ограничувања на дисциплиниран начин.

Тој ги замоли Британците да останат дома во пресрет на убавиот и топол викенд, бидејќи Велика Британија, со повеќе од 3.600 жртви, ја премина и Кина, а скоро четириесет илјади биле заразени.

Друг владин советник, професорот Нил Фергусон од Империал колеџот, рече дека се надева оти мерките што се во сила во моментот би можеле да бидат ставени на сила на крајот на мај, но дека „тоа сигурно нема да биде враќање во нормала“.

– Мислам дека никој не сака да ги укине мерките во овој момент и да ризикува уште полоша епидемија. Доколку забележиме значителен пад на бројот на заразени лица, тогаш владата ќе разгледа дали мерките можат да се ублажат малку, но на начин што е безбеден и гарантира дека епидемијата ќе продолжи да опаѓа – рече Фергусон, пренесува Дејли Меил.

Тие потсетуваат дека методот „групен имунитет“ беше мерка која се сметаше на почетокот. Властите во тоа време веруваа дека е мудро да се дозволи 80 проценти од населението да се зарази со коронавирус.

Слични содржини