Клуни со пријателите отвора филмско училиште за тинејџери

од Stefanija Kuzmanovska

Американските актери Џорџ Клуни, Кери Вашингтон и Дон Чидл заедно отвораат училиште каде што ќе им предаваат на тинејџерите да создаваат филмови и со тоа ќе се обидат да воведат разновидност во холивудската продукција.

Целта на училиштето, кое треба да започне со работа во 2022 година, е да воведе разновидност во забавната индустрија со отворање на врата за добро платени работни места за кои инаку нема формален пат.

„Нашата цел е подобро да ја рефлектираме различноста на нашата држава“, рече Клуни во понеделникот.

„Ова значи создавање на средношколски програми кои ќе ги научат младите како да управуваат со камера, да монтираат и да користат визуелни ефекти и звук и сите други можности за кариера што ги нуди индустријата“, додаде американскиот актер.

Кралската школа за филмска и телевизиска продукција ќе се наоѓа во претежно латиноамериканскиот кварт Вестлејк.

Професорите ќе имаат пристап до филмски професионалци, а студентите со стажирањето и академски програми, ќе имаат и пракса.

Во одборот ќе бидат Клуни, Вашингтон, Чидл, Минди Калинг, Ева Лонгорија и тројка продуценти, а тие исто така ќе покриваат 20 проценти од првичниот буџет од 7 милиони долари.

Холивуд се обидува да донесе повеќе припадници на малцинствата во своите редови од скандалот #OscarSoWhite во 2016 година. Таа иницијатива доби дополнителен интензитет минатата година откако движењето „Black Lives Matter“ предизвика поширока дебата за расизмот во институциите на САД.

Слични содржини