Коџабашев: Врачивме протестна нота до македонската амбасадорка, нападот на клубот е тешко кривично дело

од Nikola Popovski

Бугарија ѝ врачи остра протестна нота на македонската амбасадорка Агнеса Руси-Поповска, информирал денеска заменик министерот за надворешни работи на Бугарија, Костадин Коџабашев.

Тој изјавил дека „отсуството на соодветни мерки од страна на македонските власти создава услови за повторување на злосторствата од омраза врз македонските Бугари“.

-РС Македонија ќе го продолжи својот пат кон Европската унија само под услов да ги почитува правата на македонските Бугари, истакнал Коџабашев.

Тој посочил дека Поповска уверила дека надлежните институции го истражуваат случајот со цел да се откријат сторителите.

-Министерот Милков синоќа во Барселона разговараше со Османи и остро го покрена прашањето за можна ескалација. Османи се обврза што побрзо македонската страна да дознае што точно се случило, појаснил Коџабашев.

-Ова кривично дело е трет напад врз клубот Цар Борис III за помалку од два месеци. Претходниот напад беше извршен пред само два дена, за што Министерството за надворешни работи испрати вербална нота до амбасадата на Северна Македонија во Софија. Ја забележуваме реакцијата на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, но категорично не прифаќаме вакви тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин, нагласил заменикот МНР.

-МНР има ист став како и претседателот Радев. Ќе продолжи патот на РСМ кон ЕУ, под услов да се почитуваат правата на македонските Бугар, додал Коџабашев, пренесуваат бугарските медиуми.

Синоќа околу 20 часот по локално време биле испукани куршуми кон клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид. Веднаш по нападот на местото на настанот пристигнал бугарскиот конзул во Битола Димитар Иванов.

Македонското МНР и претседателот Стево Пендаровски го осудија ваквиот чин и побараа да се откријат сторителите.

Слични содржини