Коалиција МАРГИНИ: Постои потреба од воведување на похуман пристап кон луѓето кои употребуваат дроги

од Stefanija Kuzmanovska

Вклучувањето на Маргини во работната група за декриминализација на дроги е резултат на долгогодишно застапување и укажување дека постои потреба од реформа на постоечкото законодавство и воведување на похуман пристап кон луѓето кои употребуваат дроги, велат во разговор со „Локално“ од Коалицијата МАРГИНИ, а во врска со одлуката на Владата за формирање работна група, која ќе работи на подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот.

„Маргини и поединечно и во мрежа обединета со други организации, како дел од иницијативата Операција Ослободување, подолго време ги искажува своите ставови и барања во врска со темата, а тоа е декриминализација на поседувањето на психоактивни супстанции за лична употреба и декриминализација на употребата на супстанции“, наведуваат од Коалицијата.

Во однос на последните измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, оттаму потсетуваат дека имале сериозни забелешки дека со истиот се фаворизираат големите и моќните компании да одгледуваат и произведуваат канабис и да генерираат профит, наспроти политиките на казнување на одгледување и поседување на канабис за лична употреба.

„Минатата година во соработка со Здружението ХОПС подготвивме компаративна анализа на добри практики на декриминализација на дрогите и приказ на ефектите врз јавното здравје, човековите права, кривично-правниот и буџетите на државите кои се одлучиле да ги хуманизираат политиките за дроги. Врз основа на оваа анализа подготвивме и документ за јавни политики што се заснова на добрите пракси и науката и со кои предлагаме измена на Кривичниот Законик со што ќе се спречи прогонот и казнувањето на оние кои поседуваат супстанции за лична употреба“, изјавија од МАРГИНИ.

Дополнително, додаваат од Коалицијата, потребно е да се измени и Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции каде покрај компаниите, ќе се земат предвид потребите на пациентите кои се лекуваат со канабис, можноста за самостојно одгледување на канабис, и др.

„Декриминализацијата на дрогите е процес што не опфаќа само измена на закони, па затоа очекуваме дека работната група ќе излезе со предлози и за донесување на други политики, ќе се воспостават здравствени и социјални услуги, и други мерки во насока на промена на перцепцијата кон употребата на дроги, елиминирање на стигмата кон луѓето кои употребуваат дроги и изместување на фокусот за кривичен прогон кон оние кои навистина го прекршуваат законот“, заклучуваат од Коалицијата МАРГИНИ.

С.К.

Слични содржини