Коалиција СЕГА упати 12 барања до пратениците во новиот состав на Собранието

од Берта Китинска

По повод Меѓународниот ден на младите, Коалиција на младински организации СЕГА упати 12 барања до пратениците во новиот состав на Собранието, како и до членовите на новата Влада, со цел тие да докажат дека младите се нивен клучен приоритет.

– Подобрување на животниот стандард и квалитетот на живот на младите преку соодветни политики, мерки и интервенции, вклучување на младинска перспектива во законската регулатива и активно вклучување на младите и младинските организации во унапредување на законодавството, обезбедување на 0,3 отсто од Буџетот до крајот на 2020 година, за спроведување на Законот за младинско учество и младински политики, и задолжителна примена на одредбите на овој Закон на локално и национално ниво, креирање и усвојување на Законот за средно образование вклучувајќи ги одредбите за системско и суштинско учество на учениците во донесување на одлуки во училиштата, со соодветни буџетски импликации за негова практична примена, унапредување и проширување на активните мерки за вработување на младите, како и зголемување на опфатот на млади и примена на Младинската Гаранција, се дел од барањата кои ги упатија од Коалицијата.

Имено, тие побараа поттикнување и мотивирање на приватниот сектор за вработување на младите, особено на младите под социјален ризик, вклучително и младите Роми, обезбедување на услови за пристојна плата, недискриминација и почитување на работничките права на младите, обезбедување на квалитетен образовен процес за наредната 2020/21 учебна година, со целосна заштита на учениците од ширење на пандемијата, вклучувајќи долгорочна стратегија за справување со сите можни ризици и оспособување на наставниот кадар но и опремување на образовните установи (училишта, факултети) со нагледни средства и техничка опрема кои одговараат на наставните програми.

До Коалицијата СЕГА истакнаа дека потребно е унапредување на условите за домување преку зголемена поддршка за финансиска стабилност и осамостојување на младите, како и значително унапредување на студентскиот стандард, подобрување на системот на примарна и секундарна здравствена заштита на младите, воведување на бесплатни здравствени услуги за млади и континуирано информирање на младите за здрави животни стилови, како и континуирана и суштинска поддршка на младинските организации во спроведување на младински програми.

– Денеска е 12ти Август, Меѓународниот Ден на Младите, и веруваме дека многу институции ќе испратат честитки до младите. Но, не очекувајте дека младите ќе аплаудираат. Ним не им е потребно Вашето внимание само еден ден во годината. На младите им се потребни системски промени и суштинско вклучување во секој сегмент од општественото живеење. Само така, младите можат да ја вратат довербата во системот, да одлучат да го вложат својот потенцијал во нашата држава и да станат движечка сила во општеството, нагласија од Коалицијата.

Коалиција на младински организации СЕГА во изминатите 16 години активно се застапува за издигнување на младинските прашања повисоко на агендата како на државните институции, така и на донаторските и меѓународните организации.

– По 16 години работа може да се каже дека е постигнат извесен напредок по однос на тоа како младинските прашања и потреби се перцепирани во општеството и од страна на носителите на клучните државни политики, но и од самите млади луѓе. За поздравување се досегашните заложби за издигнување на младите како приоритет, но истите се спорадични, некоординирани и далеку од доволни, наведоа од СЕГА.

Коалиција на младински организации СЕГА е национална мрежа на младински организации, со повеќе од 16 години искуство во лобирање за потребните законски промени за младинско учество, информирање, вработување и активизам. СЕГА работи на развивање и примена на младински политики на локално и национално ниво, ги поврзува и јакне младинските организации со цел активирање на младите и подобрување на условите за нивен личен и професионален развој во Република Северна Македонија.

Слични содржини