Кои членки на НАТО трошат најмногу на армијата? Објавено колку троши Македонија

од Stefanija Kuzmanovska

Заедничката цел на членките на НАТО да издвојат најмалку два отсто од бруто домашниот производ за одбрана ја исполнија само седум од 30-те земји, а меѓу нив не се најсилните европски економии.

Од земјите на Европската унија, Грција, Полска, Литванија, Летонија и Естонија, покрај САД и Обединетото Кралство, ја исполнија таа цел во 2022 година.

Грција е прва на листата, со 3,54 отсто од БДП потрошени за одбрана, што е сепак помалку од 2021 година.

Најголемите економии во Европа, сепак, не го достигнаа планираното ниво на потрошувачка и покрај војната во Украина, а некои дури и се оддалечија од целта.

Германија потрошила 1,49 отсто за одбрана, нешто повеќе од една година порано (1,46 отсто), Италија 1,51 отсто, помалку отколку во 2021 година (1,57 отсто), а Франција 1,89 отсто (1,91 отсто во 2021 година), се вели во новиот годишен извештај на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На дното на листата се Луксембург (0,62 отсто), Шпанија (1,09 отсто) и Белгија (1,18 отсто).

Од земјите од Западен Балкан, Северна Македонија издвоила 1,61 отсто од БДП за одбраната, Албанија 1,57 отсто и Црна Гора 1,35 отсто. Хрватска потрошила 1,91 отсто, а Словенија 1,26 отсто од БДП.

Извештајот покажува дека иако воените сојузници трошат повеќе пари на војската во текот на годините, многумина сè уште се далеку зад исполнувањето на целта поставена во 2014 година.

Естонската премиерка Каја Калас, чија земја наводно потрошила 2,12 отсто од БДП за одбрана, рече дека била „прилично шокирана“ кога видела кои земји не ја исполниле целта.

„Тоа не е можно – мислам дека сите треба да разберат, знаејќи и гледајќи што се случува во Украина, дека немаме време“, изјави Калас за бриселскиот портал „Политико“.

Сепак, во извештајот се посочува дека членките на НАТО континуирано инвестирале и сега трошат значително повеќе отколку кога била договорена целта.

„Европските сојузници и Канада ги зголемија трошоците за одбрана осма година по ред. Севкупно, во изминатите осум години, трошоците за одбрана се зголемија за 350 милијарди долари“, се наведува во извештајот.

Се проценува дека вкупните воени трошоци на НАТО во 2022 година надминале трилион долари, а околу 70 отсто од тие трошоци биле покриени од САД. Следи Велика Британија со околу шест отсто од вкупните трошоци на алијансата и Германија, чиј удел е околу пет отсто.

Иако се потрошени милијарди за одбраната, официјалните лица и експертите предупредуваат дека членовите на воената алијанса ќе мора да потрошат многу повеќе за да се обезбеди безбедност.

Според неименуван европски функционер, позитивно е тоа што многу сојузници имаат планови за зголемување на инвестициите во одбраната, но тоа е многу потешко да се постигне во пракса поради, меѓу другото, неефективното планирање на одбраната, недостатокот на суровини за производство на оружје и муниција, долги процеси на набавки и ограничени производствени капацитети.

„Реалното трошење за одбраната во одреден момент ќе се зголеми, но ќе бидат потребни најмалку неколку години, под услов да се одржи постојната политичка волја“, рече функционерот.

Слични содржини