Кои се фаворитите за местото на Тухел во Челси?

од Vladimir Zorba

Челси утринава го отпушти Томас Тухел и печатот во Англија веќе шпекулира за можни замени. Новиот сопственик на тимот, Тод Боли, реши да се раздели со Германецот по тешкиот старт на сезоната за лондончани, кои забележаа само три победи во првите шест натпревари во Премиер лигата, а вчера загубија и од Динамо (Загреб) на стартот од Лигата на шампионите.

Сега на дневен ред се можните алтернативи, а медиумите на Островот како актуелен фаворит го посочуваат Греам Потер од Брајтон. Менаџерот на „галебите“ го привлече вниманието на Американецот со својот атрактивен стил на игра, со одржливиот развој на составот, привлекувањето млади играчи за мали суми кои последователно ја множат цената, како и со постојаноста во перформансите на неговиот тим во последните години.

Потер има договор со Брајтон до летото 2025 година и тоа значи дека Челси ќе мора да издвои голема сума за да го доведе на „Стемфорд Бриџ“.

Другото име кое се споменува во моментов е тоа на Маурисио Почетино. Аргентинскиот тренер има искуство во Премиер лигата каде остави одличен впечаток на чело на Тотенхем и Саутемптон. Последен пат го водеше Пари Сен Жермен, но беше отпуштен на крајот од минатата кампања.

Третото име кое се споменува во медиумскиот простор е тоа на Зинедин Зидан, кој исто така е без работа по заминувањето од Реал Мадрид во мај 2021 година.

Слични содржини