Кои се фудбалерите што го „предизвикаа“ хаосот во Бразил?

од Nikola Popovski

Натпреварот помеѓу Бразил и Аргентина беше прекинат по десет минути игра откако бразилската федерална полиција и здравствените власти влегоа на теренот како би привеле четворица аргентински репрезентативци.

„Виновниците“ за оваа постапка на бразилските власти се Џовани Ло Селсо, Кристијано Ромеро, Емилијано Мартинез и Еми Буендија.

Кои се тие четворица и зошто им паднаа во очи на Бразилците?

Ло Селсо е играч на Тотенхем кој пристигна од Шпанија, каде играше за Бетис. Оваа сезона, 25-годишниот Аргентинец нема посериозна улога кај „Петлите“, со оглед на тоа што одигра само 36 минути во Премиер лигата, со два настапи во квалификациите за конференциската лига.

Негов соиграч е Ромеро, поранешниот стопер на Аталанта, кој во август го замени Бергамо со Лондон, а досега трипати играше за Тотенхем, од кои „запиша“ само една минута во Премиер лигата.

Мартинез е чувар на мрежата на Астон Вила, каде што пристигна во септември 2020 година од редовите на Арсенал, и одигра 270 минути за тимот од Бирмингем од првиот судиски свиреж.

Буендија, 24-годишното крило, пристигна во Астон Вила во јули 2021 година од Норвич и се етаблираше како еден од најдобрите фудбалери на Вила Парк.

Интересно е што сите четворица беа на теренот или на клупата на своите тимови за време на натпреварите во Премиер лигата кои се одиграа на 28 и 29 август, поточно седум или осум дена пред гостувањето во Бразил. Локалните власти не го пропуштија тоа, па следуваше реакција, што доведе до прекин на натпреварот.

Слични содржини