Кои се клучните проблеми со кои се соочуваат децата? (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Во рамките на изработката на „Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата во Македонија – од перспектива на децата” на Прва детска амбасада во светот Меѓаши – Република Македонија, децата, меѓу другото, ги истражуваа и следниве теми: запознаеност со детските права и нивно почитување, насилство врз децата, дискриминација, слободно време, игра, спортски и културни активности, деца на улица, образование и животна средина.

Детскиот извештај беше поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН, како дел од периодичниот процес на известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на децата во Македонија и истиот ќе биде презентиран пред Комиетот во февруари 2021 година.

Кои се правата на децата за овие значајни теми, со кои проблеми најчесто се соочуваат и кои се нивните препораки за подобрување на состојбите, погледнете во овa краткo видeo во кое се обраќаат авторките на извештајот.

Децата ја истакнуваат потребата од активности за зголемување на запознаеноста со детските права и Конвенцијата за правата на детето како помеѓу децата, така и помеѓу возрасните.

Децата наведуваат дека секојдневно се жртви на различни форми на насилство, помеѓу кои најзастапено е врсничкото насилство и потенцираат дека училиштата треба да направат многу повеќе за едукација на децата за спречување на овој вид насилство.

Дискриминацијата по основ на возраст, пол, етничка припадност, финансиска состојба на семејството и физички изглед е мошне застапена појава во животот на децата. Оттука, децата препорачуваат преземање итни мерки за искоренување на дискриминацијата и социјална иклузија на сите деца кои биле изложени на истата.

Недостатокот на места за продуктивно поминување на слободното време и учество во спортски и културни активности е особено нагласено во руралните и помалите урбани средини. Децата истакнуваат дека треба да се посвети повеќе внимание на ова поле а ваквите активности и места да бидат креирани во соработка со децата за да можат да одговорат на нивните потреби.

Децата на улица се особено ранлива група и тие не ги уживаат ниту основните човекови права. Во извештајот децата потенцираат дека институциите мора да направат многу повеќе за да им помогнат на децата на улица и нивните семејства.

Проблемите во образованието се бројни, вклучително слаб квалитет на наставата, недоволна грижа за хигиената, несоодветни услови за децата со попреченост и недоволната грижа за менталното здравје на децата. Децата сметаат дека мора да им се даде на овие проблеми приоритет!

Загадениот воздух, особено во зимските денови, како и дивите депонии, фабриките во близина на населените места се дел од еколошките проблеми со кои се соочуваат децата и сметаат дека за истите не постои ниту доволна свест, ниту доволна грижа од државата.

Слични содржини