Кој e Михаил Мишустин, новиот премиер на Русија?

од Aleksandar Petrovski

Михаил Мишустин (53) кандидатот за премиер на Русија не се истакнувал многу во јавноста.
Како што наведува АП, изборот на Мушустин кој нема политичка тежина укажува дека тој нема да има независна улога.

Роден е на 3 март 1966 година а дипломирал на московскиот универзитет за машинство, каде завршил и постдипломски студии.

Мишустин од 1998 година работи во Владата, а на чело на Сојузната даночна управа е од 2010 година.
Автор е на три книги за даночната администрација и 40 научни текстови.

По школувањето почнал да работи како директор на една испитна лабораторија и станал организатор на Меѓународниот сметководителски форум.

Во август 1998 поставен е за заменик шеф на руската федерална даночна служба, а од март 1999 до март 2004 година бил заменик министер на руската федерација за даноци.

Во март 2008 година станал претседател на групата претпријатија УФГ, една од најголемите компании кои работат во Русија на полето на управување со имоти, приватен капитал и домашните инвестициски фондови.

Како што наведува сајтот „rucriminal.info“ познат е по тоа што 2002 година организирал земање на два кредита од Светската банка за купување на компјутерска опрема во вредност од 100 и 160 милиони американски долари, а во исто време изградил и луксузна куќа на автопатот Рублево-Успенски со голем спортски комплекс.

Во биографијата на Мишустин пишува дека е оженет, има три сина, се интересира за спорт и игра хокеј, а член е на Надзорниот одбор на хокејашкиот клуб ЦСКА од Москва.

Слични содржини