Кој е Насер Зибери, предлогот на ДУИ за прв Албанец премиер на Македонија?

од Nikola Popovski

Поранешниот министер за труд и социјална политика, Насер Зибери е кандидат за прв премиер Албанец на Македонија номиниран од ДУИ.

Тој денеска беше промовиран во Преспа каде што партијата ја почна кампањата.

“По интензивните консултации со цивилното општество, академската заедница, експерти и создавачи на јавното мислење, но и пријатели, стигнавме до унифицираното и заслужно име за првиот Албанец кој ќе се натпреварува за кршење на последната едно-етничка рамка во Северна Македонија, кој ги поседува сите квалитети за да раководи со извршната власт во земјата во насока на потполната рамноправност“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Зибери истакна дека е дојдено време за потполна рамноправност.

“Ме изненади повикот на господинот ахмети. Искрено се иненадив, и нормално се чуствував ценет. За да бидам потполно искрен, си мислев во себе дека ова нема да го промени само мојот живот, но истотака е многу голема одговорност. Одлука која воопшто не е лесна, а кратко време за одлучување. Но, челикот се кали во оган и една личност се цени за одлуките кои ги зазема за општественото добро наспроти личниот комодитет, и затоа се согласив“, рече Зибери на неговата промоција.

Насер Зибери е роден во 1961 година во Ласкарци, општина Сарај. Завршил Правен факултет и работел како новинар во весникот „Флака е влазеримит“. Во 1990-тите се вклучил во политиката, станувајќи Претседател на огранокот на ПДП во Општина Карпош. Во периодот од 1994 до 1998 година бил Генерален секретар на ПДП.

На Парламентарните избори од 1990 и Парламентарните избори од 1994 година бил избран за пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на ПДП. Како пратеник бил член на Претседателството и координатор на пратеничката група на ПДП во Собранието на Република Македонија, Претседател на пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција, член на пратеничката група на Собранието на Република Македонијаза соработка со парламентите на Кралство Норвешка, Република Финска, Кралство Шведска, Кралство Данска и Република Исланд.

Во периодот од 28 февруари 1996 до 30 ноември 1998 година ја извршувал функцијата Министер за труд и социјална политика на Република Македонија и потпретседател на Владата на Република Македонија. На Парламентарните избори од 1998 година повторно бил избран за пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на ПДП.

По повлекувањето од политичката сцена, Зибери работи како нотар.

Зибери неодамна го оцени како позитивно премиерувањето на Зоран Заев и смета дека со ВМРО-ДПМНЕ повторно на власт Македонија би била исправена пред сериозни предизвици.

„Овие ќе бидат најдраматични избори по долго време. Ако Заев не е следниот премиер, мислам дека Македонија ќе биде ставена на многу сериозен тест со оглед на ставот на ВМРО и на нејзиниот лидер за клучните прашања, како што се Договорот од Преспа, оној со Бугарија, Законот за јазиците и други стратешки проблеми за Македонија“, изјави Зибери во интервју за весникот на албански јазик „Љајм“.

Слични содржини