Кој е соодветниот пристап кон конфликтот во Украина, и зошто?

од Vladimir Zorba

Фундаменталната премиса на муниципализмот како политичка филозофија е дека единствената политика која е релевантна е таа која се однесува на локалната заедница. Причината за тоа е што единствено на тоа ниво поединецот може да придонесе за некаква промена, преку директна партиципација во политичките процеси. Затоа муниципалистите ги презираат геополитиката и меѓународните односи, сметајќи ги за арена на елитни комбинаторики во кои обичните луѓе немаат ниту увид ниту влијание.

Од оваа перспектива, најновото разгорување на кризата на украинско-руската граница предизвикува мешавина на импотентност и индиферентност. Таму некаде, чукаат тапаните на војната, моќни армии се мобилизираат, а големите сили си покажуваат заби. И што има тоа врска со нас? Ние имаме сопствени проблеми за решавање. Ако секој си ја гледа својата бавча, се би било во ред, вели народната мудрост.

До тука – супер. Проблемот настанува кога ваквото резонирање произлегува од сомнителни мотивации и погрешно поимање за тоа кои сме “ние” и што е нашата бавча. Мнозинството од суверенистите кои пропагираат немешање во конфликтот се длабоко инвестирани во геополитичката арена, следејќи ги сите вести за Донбас, толкувајќи ги изјавите на светските лидери и предвидувајќи ги следните потези на шаховската табла. За нив, било каков став кон прашањето мора да помине низ филтерот на државните интереси, и да биде во насока на најдоброто можно позиционирање на државата во меѓународните интриги.

Суверенизмот на овие аналитичари е исклучиво национален, и нивниот став во однос на случувањата во Украина не е базиран на вредности, туку на корист: што ние можеме да добиеме, а што да изгубиме во овие матни времиња. Под ние, се подразбира, ние Македонците. Па така, во битен фактор прераснуваат и неправдите нанесени врз Македонците низ историјата – кој кога не признал, колку бил близок со Албанците или со Бугарите, дали не застапувал во овој или оној меѓународен спор, и така натаму.

Во суштина, неутралноста во украинско-руските воени игри (исто како и заземањето страна) е базиранa на партиски предубедувања, национални калкулации и геополитичка хјуристика. Дистанцирањето од конфликтот бидејќи министерката од СДСМ најавила лојалност на НАТО, или поради тоа што Украина ја поддржале земјите членки на ЕУ (кои не сакаат да не примат во нивно друштво), или за да не ги налутиме Русите, па да ни го прекинат дотокот на гас, е не само површно и некритичко, туку и не става нас во центарот на приказната.

Но, светот не се врти околу нас. Оттаму, нема потреба да посакуваме нашите индивидуални ставови да бидат насока за тоа како државата треба да се постави. Тие ставови треба да се принципиелни и водени од етички начела. А принципи и етика немаат држави, а богами ни народи. Нив ги имаат поединци, со ум и душа. За вистински прогресивните поединци, значење има борбата на идеи, не борбата за превласт, територии и национална доминација.

Во таа смисла, фасцинантна е антиимперијалистичката логика на крајните левичари за војната во најава. Традиционално, антизападниот сентимент и особено антиамериканизмот е предоминантен во вакви случаи, па така е и сега. Но, да се робува на традицијата е во контрадикција со левичарската идеологија. Освен тоа, исто како што секој поединец би требало да расудува различно за оваа војна, така и секоја војна е различна. Во оваа, за разлика од Виетнам или Ирак, и двете страни се во право, и ниедна не е.

Ова мора јасно да се потенцира. Украина се бори за територијален интегритет. Русија се бори за руското население во регионот, кое бара независност. И двете страни имаат легитимен аргумент во конвенционалната смисла на меѓународната политика. Истовремено, и многу поважно, и двете страни се спремни да стават крај на десетици илјади животи, во име на регионална хегемонија на далечните елити во Белата Куќа и Кремљ. Ова е незамислива суровост и тотален апсурд.

Знаејќи го тоа, наместо да ја култивира неутралноста преку доведување во прашање на овие геополитички конвенции и максимално вложување во антимилитаризам, левичарската антимејнстрим агенда брза да ја избалансира равенката преку фаворизација на Русите визави Американците. Со тоа свесно го игнорира Путиновиот авторитаризам и етноцентричен империјализам, и несвесно ги инструментализира инфантилните симпатии кон советското наследство, настојувајќи на некакви паралели со денешна Москва, кои се целосно илузорни.

Ова не ја одразува ниту неопходната еквидистанца, ниту суштинскиот пацифизам на левицата, која денеска ја користи анти-НАТО реториката сама за себе, чисто како антитеза за сервилноста на домашниот либерален естаблишмент кон Западот. Наместо посакуваниот иконокластицизам, ефектот на оваа стратегија е само репродукција на постоечките категории на државно спонзорирано насилство.

Ако веќе се бара пример во минатото тоа како треба да се постави во ваква ситуација, тогаш веројатно најдобриот е Шпанската граѓанска војна. Можеби тој не содејствува со пацифистичката визија, но совршено ја артикулира идејата за учество (или неучество) во меѓународен конфликт според лично убедување, базирано на тоа што е универзална правда, наместо што и одговара на мојата држава. Затоа и во борбата против Франко учествуваа толку странци, меѓу кои и македонски херои.

Најблиску до овој пристап е изворниот муниципализам, кој отсекогаш ја посматрал борбата како локална, но демонстрирал солидарност кон секоја друга локална заедница, без разлика колку таа била далеку. За жал, во овој случај, повеќе од било кога, нема со кого да се биде солидарен. Можеби токму затоа муниципалистичката парадигма е единствената која може да обезбеди траен мир, насекаде. Како што констатира Толстој: “Ако сите се бореа за сопствените убедувања, никогаш не би имало војна”.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини