Кој ја „запали“ Тесла?

од Stefanija Kuzmanovska

Во близина на фабриката на автомобилскиот концерн „Тесла“ во близина на Берлин  беше извршен напад. Непознати сторители го запалиле кабелот за снабдување со струја, пишува „Дојче веле“.

Полицијата сега спроведува истрага меѓу левичарските екстремисти.

Ноќта меѓу вторник и среда, на неколку стотици метри од градилиштето на новата фабрика на „Тесла“ во Гринхајд, јужно од Берлин, беше запален главниот кабел за снабдување со струја. Истрагата ја презеде покраинската канцеларија за заштита од криминал затоа што постои основано сомнение дека станува збор за политички мотивиран напад.

„Лагите за зелениот автомобил“

Во текот на вчерашниот ден се појави писмо во кое досега непознатата „Група Вулкан“ (Vulkangruppe) ја презема одговорноста за палење на каблите кои, покрај градилиштето на фабриката на „Тесла“, снабдуваат со електрична енергија и приватни објекти во блиската населба.

„Тесла не е ниту зелена, ниту еколошка, ниту социјална“, се вели во писмото. Пред тоа, во писмото се опишува како се запалени високонапонски кабли и се порачува: „Нашиот оган се спротивставува на лагите за зелениот автомобил“.

И покрај големите оштетувања на каблите, снабдувањето со електрична енергија, како што соопшти енергетската компанија „Едис“, во ниту еден момент не беше доведено во прашање.

Во Берлин и неговата околина, далноводите беа уништени во неколку наврати во последните неколку години, но досега целта беше железничката инфраструктура.

„Тесла“ планира да произведува половина милион автомобили „Ипсилон“ (Y) годишно во новата фабрика близу Берлин. Производството требаше да започне во јули, но сопственикот на „Тесла“, Елон Маск, одлучи да гради и фабрика за батерии покрај фабриката за автомобили, па отварањето беше одложено за крајот на оваа година. Маск во повеќе наврати се жалеше во минатото за бирократијата што ја забавува изградбата на неговата фабрика.

 

Слични содржини