По Демократската унија за интеграција која објави дека на овие избори ќе настапува под слоганот „Избери живот, гласај зелено!“, засега во партиските штабови молк за изборните слогани, кои доколу се вистинските можат и да донесат победа.

Од независните кандидати поддржани од политички партии, еден по еден почнаа да ги објавуваат своите изборни слогани, но само на социјалните медиуми. Партиски промоции засега нема.

Кандидатот подржан од Левица Петар Георгиевски Камиказа објави дека слоганот со кој ќе настапува на локалните избори ќе биде „Скопје те сакам“. Тој на својот фб профил напиша:

„Аирлија кадро. СКОПЈЕ ТЕ САКАМ. Македонија вечна! Скопје повторно метропола!“.

На профилот на кандидатката поддржана од опозицискта ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска, осамна објава со слична содржина на онаа на Перо – Камиказа.

Под семејната слика направена додека биле сите заедно на спорски нарпевар, Арсовска напиша:

„За Скопје што го поддржува спортот. Напред Вардаре #ДанелаЗаСкопје“.

И кандидатот на СДСМ Петре Шилегов го искористи спортскиот ракометен натпревар Вардар против Мешков Брест за своја лична промоција.

„Заедно со Љубица Јанчева, во придружба на Михајло Михајловски, навиваме за прва победа на Вардар против Мешков Брест во Лигата на Шампионите!“, напиша Шилегов. ФБ објавиге се под хаштаг

#СкопјеЕднаПоинакваПриказна#ЧекорПоЧекор

Кандидатот на движењето Одлучно за промени, приклучи се, во кое се партиите ЛДП и ДОМ Бени Шаќири, нема секојдневни објави на Фејсбук. Но, пред една недела и тој напиша:

„Јас сум СКОПЈАНЕЦ и сите скопски маалски работи и ритуали ми се познати“.

Кандидатката за градоначалничка на Скопје, поддржана од 20 тина невладини организации, Ана Петровска, напиша дека посакува троцифрениот број што го добила на жрепка во ДИК да донесе среќа за Скопје и скопјани.

„#АнаЕМојКандидат
#СкопјеЗеленХуманГрад“, напиша Петровска.

Ова се само дел од промотивните објави на социјалните мрежи на кандидатите за градоначалници.
На 17 октомври скопјани ќе избираат меѓу 12 кандидати за градоначалник и 15 советнички листи. Од Државната изборна комисија веќе информираа дека на овие локални избори има најголем број на кандидатури поднесени за метрополата. Во трката влегуваат и Александар Тортевски од Твоја партија, а свои кандидати ќе имаат и Бошњачкиот демократски сојуз, ТМРО, Демократи, Интегра, Родина и Титови сили.

Демократската Унија за Интеграција ги претрка сите партии и кандидати за градоначалници и го објави изборниот слоган „Избери живот, гласај зелено!“.

Партискиот портпарол Бујар Османи неодамна рече дека изборната програма на ДУИ е заснована на пет столба со крајна цел подобрување на животниот стандард на граѓаните.

-Заедно мора да го оствариме зелениот сон. Изборната кампања треба да открие како кандидатите уште повеќе ќе ги развијат нашите општини, како уште повеќе ќе ги вклучат граѓаните и како секој ден ќе го слушаат нивниот глас. Затоа како партија се договоривме со сите кандидати да се придржуваат до зелената агенда за подобрување на квалитетот на животот, рече Османи.

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, но и останатите политички партии сеуште не ги откриваат изборните слогани.

Дали  ги кријат затоа што се тие толку „моќни“, наскоро ќе видиме, бидејќи изборната кампања стартува за четири дена.
Комуникологот Бојан Кордалов за  „Локално“ вели дека слоганите се многу важни во политичката комуникација со гласачите, но, дека сепак е потребно да се нагласи дека тие нема да бидат одлучни за добивање на изборите. Според него слоганите се паролата, насловот, односно главната порака која јасно се упатува до граѓаните за идентификација со залагањата на партијата, коалицијата и кандидатите на претстојните избори.

-Изминативе десетина години имам впечаток како партиите да се изморија и веќе почнуваат да ги вртат во круг истите слогани. Она што е многу важно е слоганот за секои претстојни избори да биде во корелација или да има логичен след со дотогашните слогани кои партијата или коалицијата ги користела во изминатиот период.  Треба многу да се внимава и да не се користат повеќе слогани од страна на една партија/коалиција бидејќи често се случувало партијата да е брендирана со еден слоган, а настапот на изборите да биде брендиран со втор различен слоган. Тоа создава забуна и потешка идентификација, односно помало поврзување на кандидатите со програмата и партијата. Ако гледаме низ призмата на класична маркетиншка реклама, имаме производ (=кандидати), дизајн на пакувањето (=партија или коалиција) и мото на рекламата (=политички слоган). За да потрошувачите го купат производот се важни сите три аспекти. Односно, дури и да ги убедиме со слоганот, тие ќе одлучат врз основа на своето претходно искуство кое го имале со производот или брендот, како и врз основа на разговор или препораки од блиски личности на кои им веруваат. Истото се пресликува и во политичкиот маркетинг, вели Кордалов.

Кордалов посочува дека граѓаните секогаш ја препознаваат лажната комуникација.

Да сублимирам, за поздравување е што партиите се трудат да имаат добри дизајни и пакувања на слогани и брендинг материјали, но најважно е да разберат дека првенствено треба да градат искрена комуникација со граѓаните и медиумите. Комуникација базирана на доверба, меѓусебна почит и фокусирана само на потребите и очекувањата на граѓаните, наспроти како досега – на себе, личните и партиските интереси. Искрената и лажната комуникација граѓаните секогаш знаат да ги препознаат. Ако немаме инклузивна и променета комуникација од страна на политичките елити, ќе продолжи да расте апатичноста, ќе се зголемува недовербата во партиите која веќе прераснува и во недоверба во јавните институции, а од тоа враќање многу тешко ќе има, вели Кордалов.

Б.Т.

Слични содржини