Која е Ејми Кони Берет, кандидатката на Трамп за судија на Врховниот суд на САД?

од Stefanija Kuzmanovska

„Таа е жена со неспоредливи достигнувања, висок интелект, одличен квалитет и бескомпромисна лојалност кон Уставот“. Со тие зборови, во саботата американскиот претседател Доналд Трамп ја претстави својата кандидатка за судија на Врховниот суд на САД, Ејми Кони Берет, пренесе „Данас.рс“.

Таа треба во Врховниот суд да го пополни местото на неодамна починатата Рут Бадер Гинсбург, икона на либерална Америка, а нив две, освен полот, ретко што друго имаат заедничко. Доколку биде избрана, што се чини сигурно, Берет, со 48 години, ќе биде најмладиот член на Врховниот суд. Таа е приврзаник кон конзервативните ставови, правата на поседување оружје, традиционалната слика на семејство, а е противник на абортусот, задолжителното здравствено осигурување за сите и хомосексуалните бракови. Со нејзиниот избор во Врховниот суд, конзервативните судии ќе имаат предност пред либералите 6: 3, што ќе има сериозни последици за целото општество.

Берет ќе биде третиот судија на Врховниот суд предложен од Трамп, а таа влезе во потесниот избор и во 2018 година кога беше избран Брет Кавано, исто така конзервативец. Таа предизвика расправа пред три години кога, номинирана за судија на Врховниот апелационен суд, беше на сослушување во Сенатот. Дајан Фејнштајн, демократска сенаторка од Калифорнија, ѝ префрлила дека „догмата силно тлее во неа“. Берет на тоа одговори: „Ако ме прашате дали сериозно ја сфаќам мојата католичка вера: да, сериозно ја сфаќам. Иако сакам да истакнам дека мојата верска припадност или мојата религија нема да влијаат на моите должности како судија“.

Сослушувањето за потврдата на Берет во Сенатот, во кое републиканците имаат мнозинство од 53 сенатори, започнува на 12 октомври и има мали шанси демократите да го спречат нејзиниот избор.

Берет е роден во 1972 година во Њу Орлеанс. Таа ги завршила додипломските студии по англиска литература, а потоа студирала право на познатиот католички универзитет Нотр Дам, каде предавала до 2017 година. На едно предавање кажала дека кариерата во судството е само „средство за постигнување на целта“ и дека целта е „градење на Царството Божјо“.

Луѓето кои ја познаваат велат дека приватно е исклучително љубезна и секогаш подготвена да помогне. Живее со своето семејство во Саут Бенд, Индијана. Има седум деца, од кои две се посвоени и потекнуваат од Хаити. Еден син има Даунов синдром.

Слични содржини