Која е позадината на конфликтот во Нагорно Карабах?

од Stefanija Kuzmanovska

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах не е ниту вечен ниту заснован на античка омраза. Двата народа живееле заедно и во мир со векови до доаѓањето на Руската империја.

Потеклото на денешниот конфликт потекнува од ерменската воена окупација на суверената територија на Азербејџан. Ерменија се обиде да игра на „христијанска карта“ прикажувајќи ја ситуацијата како „судир на цивилизациите“ со муслиманскиот Азербејџан. Но, пропагандата не се продаваше добро. Азербејџан е исто толку муслимански денес, колку што е христијанска Холандија. Така, конфликтот нема основа во верските разлики.

На почетокот на 20 век, Азербејџанците и Ерменците имале големи судири кои во некоја форма го формирале тековниот конфликт: од 1905 до 1907 година, по Руската уставна револуција и за време на периодот 1918-1920 кога биле формирани Азербејџанските и Ерменските Советски социјалистички републики. Во раните дваесетти години на минатиот век, беше создаден автономниот регион Нагорно-Карабах (НКАО) со мнозинство ерменско население во границите на Азербејџанската Советска социјалистичка република (АзССР).

Понекогаш се тврди дека Јосиф Сталин, кој во тоа време бил водач на Советскиот комитет на Кавказ, ја „додал“ или „предал“ НКАО на АзССР. Сепак, во документот со кој се наложува формирање на НКАО се наведува дека регионот треба „да остане во Азербејџан“ – што значи дека регионот веќе бил во таа земја.

Референдуми и распад на СССР

Во текот на 1988 година, три години пред распадот на СССР, регионалниот совет на НКАО гласаше за обединување со Ерменската Советска социјалистичка република. Тоа гласање беше противзаконско, како и референдумот за независност во 1991 година. Според советските закони, референдумот за Нагорно Карабах понудил избор или да остане дел од СССР или да остане дел од Азербејџан кој се движи кон нејзината независност. Референдумот за независност, дури ни за пристапување кон Ерменија, не беше правно возможен.

По распадот на СССР, Азербејџан и Ерменија беа признати како независни држави во рамките на нивните советски граници. Ова значи дека меѓународното право го признава Нагорно-Карабах како дел од територијата на Азербејџан и присуството на ерменските воени сили како окупатори. Азербејџан има право, според членот 51 од Повелбата на ООН, да дејствува во самоодбрана. Тоа е почетната точка за Баку во овој конфликт.

Тековниот конфликт избувна кога ерменските сили го нападнаа регионот, додека СССР се распаѓаше и изврши масакр врз цивилите во азербејџанскиот град Хојали и изврши етничко чистење на областа од Азербејџанците. Ерменските сили продолжуваат да окупираат скоро 20 проценти од територијата на Азербејџан. Во 1993 година, Советот за безбедност на ОН одобри четири резолуции со кои се повикуваат ерменските сили итно да се повлечат од окупираните територии на Азербејџан. Сите беа игнорирани.

На крајот, близу 780.000 Азербејџанци беа протерани од областа НКАО, околните азербејџански области и ерменската територија. Исто така, во Азербејџан е забележано насилство врз Ерменците како одмазда за прогоните. Како резултат, близу 250.000 Ерменци се преселија од Азербејџан во Ерменија. Денес, приближно 10.000 Ерменци живеат во Баку, Гања и други азербејџански градови кои не се на окупирана територија.

Внатрешна политика на Ерменија

Во текот на овие три децении, конфликтот повремено се разгоруваше. Во јули оваа година започнаа борби во азербејџанскиот регион Товуз, на 100 километри од Нагорно Карабах. За време на конфликтот, Русија му пружи воена помош на Ереван, што сериозно ја разочара азербејџанската страна додека се обидуваше да ги подобри односите со Москва во последните 15 години.

Борбите продолжија на 27 септември и оттогаш не престануваат, и покрај руските обиди да се договорат за прекин на огнот. Но, зошто ги видовме овие две големи ескалации оваа година?

Во принцип, тие имаат врска со домашната ерменска политика, која е под силно влијание на радикалната дијаспора. Никол Пашинијан стана нов премиер во 2018 година. Неговата првична реторика предизвика големи надежи дека конфликтот ќе се реши. Но, кога не успеа да ги исполни своите предизборни ветувања за подобрување на маките на Ерменците, неговиот политички опстанок стана сомнителен. Тогаш неговиот пристап стана многу националистички.

Говорејќи пред група Ерменци во Њујорк во март 2019 година, министерот за одбрана на Пашинијан, Давид Тонојан рече дека под негово раководство, ерменските вооружени сили ја отфрлија претходната воена доктрина за „земја на мирот“ и усвоија нова офанзивна доктрина наречена „нова војна, нови територии“.. Потоа, во август 2019 година, Пашинијан ги прогласи окупираните азербејџански територии за составен дел на Ерменија. Ниту еден ерменски политичар не го кажа тоа од војната во раните 90-ти.

Во март годинава, ерменскиот премиер јасно стави до знаење дека повеќе не ги признава Мадридските принципи што Ерменија и Азербејџан ги договорија со ОБСЕ пред 10 години како основа за преговори.

Во јули, Пашинијан еднострано објави седум нови услови за преговори со Азербејџан. Меѓу нив е и барање за итно и директно учество на Ерменците од Нагорно Карабах во преговорите, без учество на раселената азербејџанска заедница. Ова во суштина би го променило целосно форматот на преговори, кој ќе премине од билатерален во трилатерален. Азербејџан очекувано ги отфрли обидите на Пашинијан да ја смени рамката на мировниот процес.

Проруски камп

Што е сега потребно двете страни повторно да седнат на преговарачка маса, со добра волја, за да се постигне мирно решение?

Тоа прашање Ал Џезира го постави на д-р. Фарид Шафијев, претседател на Центарот за анализа на меѓународните односи во Баку. Тој одговори: „Како прво, Ерменија мора да се повлече од седумте окупирани региони околу Азербејџан околу Нагорно Карабах. Ова беше договорено од сите страни според начелата на Мадрид од 2009 година, како и според резолуциите на Советот за безбедност на ОН од 1993 година. Таквиот потег ќе отвори поволни услови за понатамошни чекори, како што се враќање на бегалците, отворање на комуникации меѓу двете страни и така натаму “.

За жал, Пашинијан сè уште јавно одбива да размисли за враќање на кој било дел од окупираната територија во Азербејџан. На 17 октомври, азербејџанските сили ја презедоа контролата над стратешки важниот град Физули и околните села на југоистокот на окупираните територии. Физули претставува најсилна утврдена ерменска линија на одбрана во регионот.

Мадридските принципи предвидуваа и се согласија Ереван да ги предаде окупираните територии околу Нагорно Карабах на Азербејџан. Јасно е дека, доколку Ереван ги исполнуваше овие услови, многу животи на Ерменците и Азербејџанците ќе беа поштедени.

Овие услови се на маса веќе една деценија и не се само на азербејџанската страна. Тие се поддржани од меѓународната заедница и затоа најверојатно нема да се променат. Азербејџан сега го има главниот збор и има воен потенцијал да ги преземе сите окупирани територии.

Доколку Пашинијан не постигне политички договор заснован на овие утврдени, меѓународно поддржани услови, тогаш станува можно тој да биде заменет со „проруски камп“ што веќе е видлив во поларизираната ерменска политичка елита. Ова може да има непредвидливи последици.

Слични содржини