Која е првата земја во светот која ги забранува цигарите за младите?

од Vladimir Zorba

Нов Зеланд ќе ја забрани продажбата на тутун на младата генерација во земјата во обид на крајот да се искорени пушењето.

Сите родени по 2008 година нема да можат да купуваат цигари или тутунски производи во земјата според законот кој се очекува да биде донесен следната година.

„Сакаме да се погрижиме луѓето никогаш да не почнат да пушат“, рече министерката за здравство на Нов Зеланд, д-р Ајеша Верал.

Овој потег е дел од големиот одговор на пушењето објавен денеска од Министерството за здравство на Нов Зеланд.

Лекарите и другите здравствени експерти во земјата ги поздравија реформите „водечки во светот“ кои ќе го ограничат пристапот до тутун и ќе го намалат нивото на никотин во цигарите.

„Мерките ќе им помогнат на луѓето да се откажат од пушењето или да се префрлат на помалку штетни производи, како и да ја намалат веројатноста младите да станат зависни од никотин“, изјави за Би-Би-Си Џенет Хук, професорка на Универзитетот во Отаго.

Нов Зеланд постави цел да го ограничи уделот на пушачите во земјата на 5% до 2025 година, со крајна цел целосно да се елиминира пушењето.

Околу 13% од Новозеланѓаните сега пушат, од 18% пред една деценија. Сепак, уделот на пушачи меѓу домородното население на Маори е околу 31%, а нивната стапка на морбидитет и смртност се уште повисоки.

Според Министерството за здравство, пушењето е причина за секој четврти случај на рак и останува водечка причина за смртни случаи што може да се спречат кај 5-милионското население. Тутунската индустрија е цел на пратениците во земјата повеќе од една деценија.

Како дел од мерките објавени денеска, Владата воведува построга контрола на тутунските производи, вклучително и значително ограничување на местата каде што може да се продаваат цигарите.

Драстично ќе се намали бројот на продавници на кои ќе им биде дозволено да продаваат цигари од околу 8.000 во моментот на помалку од 500.

Во последниве години, електронските цигари стануваат сè попопуларни меѓу помладите генерации во Нов Зеланд. Сепак, здравствените власти во земјата предупредуваат дека и тие се небезбедни.

Меѓутоа, во 2017 година, земјата ја усвои употребата на е-цигари како начин да им помогне на пушачите да се откажат од пушењето.

Слични содржини