Колапсот на криптовалутите изминатиот викенд го покажува растечкото влијание на Волстрит

од Vladimir Zorba

Турбулентниот викенд на Биткоин го одбележа еден од првите случаи во кои острите движења на традиционалните средства предизвикаа големи немири кај криптовалутите, покажувајќи ја растечката улога на големите инвеститори во светот на дигиталните средства, пишува Фајненшл Тајмс.

Цената на најголемата криптовалута по пазарна капитализација падна за 10.000 долари за само еден час во саботата наутро, на нешто повеќе од 42.000 долари.

Падот од 20% дојде само неколку часа по нестабилната недела на Волстрит во која акциите и обврзниците остро реагираа на потенцијалните промени во монетарната политика и ширењето на новиот вид коронавирус.

Викендот со шок на криптовалутите покажува дека овој малку одделен пазар станува потесно поврзан со оној на традиционалните средства, особено сега кога на него влегуваат големи институционални инвеститори.

„Овие грижи поттикнаа движења во традиционалните макро средини и тие предизвикаа ликвидации на некои позиции во крипто-светот“, рече Дејвид Фаучиар, портфолио менаџер во компанијата за дигитални средства Nickel Digital. Тој додаде дека инвеститорите кои продаваат акции побрзале да ги продадат и своите биткоини, што, за разлика од другите пазари, е можно во текот на викендот.

Залози за над 2,5 милијарди долари е избришано, што е прва ваква масовна ликвидација од септември, рече Џошуа Лим, шеф на тргување со деривати во Genesis Trading. Тој вели дека притисокот за продажба од професионалните инвеститори довел до бришење на залози и на берзи како Binance.

На фјучерс брзите на криптовалути, трговците кои ги зголемуваат залозите за потпора (левериџ) обично губат кога цената на дигиталното средство достигнува одредена граница, наречена вредност за ликвидација.

Лим вели дека остриот пад избришал и речиси 5 милијарди долари на традиционалните фјучерсни пазари, каде трговците се обложуваат на цените на криптовалутите, намалувајќи го вкупното обложување за речиси 25 проценти.

Цената на биткоинот порасна за над 500% во последните 2 години, при што многу инвеститори – главно аматери и индивидуални инвеститори, но и некои професионалци, се привлечени од теоријата дека профитабилноста не е поврзана со другите средства. Но, со доаѓањето на повеќе хеџ-фондови и големи инвеститори, врските со традиционалните пазари стануваат се подиректни.

Многу професионални инвеститори, исто така, побрзаа да го претворат својот раст на средства во реален профит пред крајот на годината, што придонесе за распродажба, рече Иан Стром, основач на компанијата за трговија со криптовалути Alphaplate.

„Очекувам да се продлабочи меѓусебната поврзаност помеѓу чувството за ризик на традиционалните и дигиталните пазари“, рече Фаучиар.

Уште еден скок на заболените од коронавирус, слабиот извештај на пазарот на трудот и коментарите на гувернерот на ФЕД, Џером Пауел, кои навестија порано од очекуваното зголемување на каматните стапки, ги шокираа инвеститорите и ги натераа да ги преиспитаат своите залози. Како резултат. Тие ги повлекоа своите пари од средствата што се покажаа добро кога глобалниот раст се забрза.

„Продажбата на биткоин доби на интензитет со зголемените превирања на пазарот“, рече Лим. Ова не потсетува дека и покрај ставот дека биткоинот е една од најбезбедните криптовалути во споредба со уште понестабилниот доџкоин, тој сè уште е ранлив на пазарни шокови.

Професионалните инвеститори кои претпазливо влегуваат на пазарот на криптовалути се генерално лишени од речиси фанатичкото верување во оваа класа на средства, што е вообичаено меѓу заколнатите инвеститори на мало. Тие често поседуваат дигитални средства без оглед на пазарното опкружување и ризиците што ги придружуваат.

Некои аналитичари веруваат дека криптовалутите ќе станат уште едно средство, што ќе поскапува кога условите ширум светот се подобруваат и ќе се продава, кога се влошуваат. Првите инвеститори во криптовалути го поздравија влезот на институционалните инвеститори, бидејќи се надеваа дека ќе ги зголемат цените, но распродажбата за викендот покажува дека тоа доведе и до нови ризици.

Слични содржини