Колашинац: Блокирањето на финансирањето на партијата на Додик нема значајно влијание оти располагаат со пари кои се стекнати од криминал и корупција

Доколку имаше акција за апсење на Додик немаше да бидат ангажирани само две службени лица од СИПА, вели лидерот на БДС за „Локално“

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит донесе одлука да ја прекине исплатата на буџетските средства за финансирање на двете партии – СНСД, партијата на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик и Обединета Српска. Иако непочитувањето на одлуката ќе се смета за кривично дело, Додик тврди дека не го интересираат високиот претставник или неговите одлуки. Ова сето следува откако пред два дена неколку инспектори на Агенцијата за истраги и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) без поддршка од вооружени полицајци во униформи, се обидоа да влезат во владината канцеларија на РС во Источно Сараево за да му врачат на Додик налог за апсење. Сепак, наишле на тешко вооружените членови на Министерството за внатрешни работи на Република Српска кои им го блокирале пристапот во зградата, по што инспекторите на СИПА се повлекле.

Што ќе донесе одлуката на Шмит?

Според претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз во Македонија, Мунир Колашинац, забраната за буџетско финансирање на двете партии нема значајно да влијае врз нивното функционирање бидејќи, како што вели, овие партии располагаат со финансиски средства за нивното функционирање кои се стекнати од криминални и коруптивни дејствија.

Запрашан дали официјален Белград има одредена вмешаност во целата ситуација, Колашинац за „Локално“ посочува дека очигледна е инволвираноста, но исто така смета дека и хрватската Влада не придонесува за стабилизирање на политичката состојба во БиХ.

-Српската Влада и претседателот Александар Вучиќ промовираат големосрпска хегемонистчка политика на Балканот и со свое делување предизвикуваат дестабилизација. Нивната надворешна политика е насочена кон реализација на проектот кој го нарекуваат „Српски свет“ кој ги опфаќа териториите не само на БиХ туку и на Црна Гора, Косово и С.Македонија. Крајна цел на оваа хегемонистичка политика е балканските држави да бидат надвор од ЕУ и Балканот да стане „црна дупка“ во Европа. Со овој простор би „владееле“ српските власти од Белград со промоција на таканаречени „источни вредности“ зад кои стои Руската Федерација и Кина, оценува соговорникот.

Колашинац појаснува и дека информацијата која е презентирана во јавноста дека имало обид за апсење на Додик – не е точна. Имено, според него, се работи за обид на две службени лица на СИПА кои имале намера да му врачат судски налог и истото не им било овозможено.

-Доколку имало акција за апсење на Додик немаше да бидат ангажирании само две службени лица, туку ќе беше ангажиран соодветен тим на вооружени припадници на СИПА кои ќе извршеа упад во објектот и апсење. Тоа очигледно не се случи и затоа можеме да заклучиме дека не се работи за никаков обид на апсење на Додик, заклучува претседателот на БДС.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во БиХ, Брајан Агелер вчера порача дека „многу е жално кога висок претставник треба да преземе активности што треба да ги извршуваат домашните институции“. Тој додаде дека меѓународната заедница се надева оти проблемите во земјата може да се решат со дејствување на домашните политички чинители. Коментирајќи ги повиците на Додик за апсење на високиот претставник и отфрлање на одлуката на Шмит, Агелер рече дека ОХР е легитимна институција чија функција сè уште постои бидејќи домашните политички лидери не презеле одговорност да ја направат непотреб.а

„Правните проблеми што се однесуваат на еден или повеќе политичари не се напад врз ентитет или етничка група. Тоа се поединци кои се соочуваат со правни предизвици и на тоа треба да се одговори преку законски воспоставени канали“, рече Агелер.

Тој потсети дека БиХ е функционална демократска држава со јасно дефинирани институции и механизми за кои претходно се договориле ентитетите.

„Не можете да изберете што сакате да прифатите, а што не. Треба да се почитуваат законите и одлуките на државата“, додал шефот на Мисијата на ОБСЕ.

На прашањето дали по сите настани меѓународната заедница сепак ќе мора поактивно да се вклучи во решавањето на политичката криза, Агелер бил јасен:

„Се надевам дека нема. Мислам дека не е улогата на меѓународната заедница да ги реши овие внатрешни проблеми. Одговорност на политичките лидери е да се соберат и сами да ги решат овие работи. Тоа се избраните претставници на народот“.

Н.П.

Слични содржини