Колбаси предизвикаа дебата на Макрон и Џонсон околу Северна Ирска

од Vladimir Zorba

Британски официјални лица ги обвинија лидерите на Европската унија дека заговараат „навредлив“ став дека Северна Ирска не е целосно дел од Велика Британија, фрлајќи сенка врз самитот на Г7.

Велика Британија и ЕУ не се согласуваат за трговските договори по Брегзит, кои, меѓу другото, ќе забранат извоз на мелено месо и колбаси во Северна Ирска. Спорот предизвикува политички тензии во Северна Ирска, каде што некои граѓани се изјаснуваат како Британци, а други како Ирци.

Британските медиуми објавија дека премиерот Борис Џонсон го прашал францускиот претседател Емануел Макрон за време на состанокот во англиското летно одморалиште Карбис Беј како би се чувствувал кога колбасите од Тулуз не би можеле да бидат пренесени во Париз. Макрон одговори дека споредбата не е добра бидејќи Париз и Тулуз се дел од иста земја.

Француското претседателство не ја негираше изјавата на Макрон. Тие рекоа дека тоа само покажува „дека Тулуз и Париз се наоѓаат на единствена географска територија, а Северна Ирска е на остров. Претседателот сакаше да потенцира дека ситуацијата е сосема поинаква и дека не е соодветно да се остане на таков вид споредба“.

Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, рече дека идејата дека Северна Ирска не е составен дел на Велика Британија „не само што е навредлива, туку има и конкретно влијание врз заедниците во Северна Ирска, предизвикува голема загриженост“ .

„Можете ли да замислите ако зборуваме за Каталонија, фламанскиот дел на Белгија, северна Италија, Корзиканска Франција, како различни земји“, рече Раб за „Скај њуз“.

Велика Британија и ЕУ се во дипломатски судир околу трговските аранжмани во Северна Ирска, единствениот дел од Велика Британија што се граничи со Унијата по копно.

Лондон и Брисел се обидуваат да се договорат за „протокол за Северна Ирска“ за кој се преговараше како дел од повлекувањето на Велика Британија од членството во ЕУ.

Според протоколот, кој стапи на сила на 1 јануари, кога Велика Британија ја напушти ЕУ, британската покраина Северна Ирска сè уште е на единствениот европски пазар и царинската унија на стоки што пристигнуваат во Северна Ирска од остатокот на Велика Британија .

Слични содржини