КОЛЕНАТА НЕ МОЖАТ ПОВЕЌЕ: Антонио Валенсија ја заврши кариерата

од Vladimir Zorba

Еквадорскиот фудбалер Антонио Валенсија во средата објави дека се повлекува од фудбалот. Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед мора да ја заврши кариерата во Мексико поради хронични проблеми со коленото.

Антонио беше играч на мексикански Кертераро и токму тој клуб организираше прес-конференција на која фудбалерот го објасни своето пензионирање.

– Повредата се случи кога имав 29 години, се обидов да продолжам без операција, таа делуваше, но секогаш кога ќе се појавеше болката стануваше се потешко и време беше да му се заблагодарам на овој прекрасен спорт. Тоа е тешка одлука затоа што се чувствувам психички силно, но има нешто што не е во ред со моето тело. Жалосно е да ги гледате соиграчите како тренираат 100 проценти, а вие мора да го напуштите тренингот тажен. Не е во ред за моите соиграчи кои тренираат 100 проценти, а јас да сум на 40 – изјави Антонио Валенсија.

Еквадорецот во кариерата играше за Ел Национал, потоа беше во Виљареал, Виган десет години во Манчестер Јунајтед, со кого се раздели во 2019 година. Потоа играше за ЛДУ Кито и Керетаро. Со Јунајтед освои две Премиерлиги, еден ФА Куп, а во 2017 година го подигна трофејот во Лига Европа. Тој играше на два наврати на Светското првенство со репрезентацијата на Еквадор, за која играше 99 пати.

Поранешниот соиграч од редовите на „црвените ѓаволи“, Рио Фердинанд исто така се прости од Валенсија.

– Каква кариера, каков човек … Еден од најскромните луѓе што ги познавам. Валенсија е прилично срамежлив, но низ тој срам секогаш знаеше да ме насмее. Феноменален професионалец, тој секогаш остануваше последен во салата. Беше задоволство да играм со тебе. Уживај во пензијата Тонио – напиша легендарниот стопер на својот Твитер профил.

Слични содржини