Колку сте постари, толку е потешко да го поднесете мамурлакот

од Stefanija Kuzmanovska

Како што старееме, се намалуваат нивоата на ензимите на црниот дроб – алкохол-дехидрогеназа и алдехид-дехидрогеназа, кои се потребни за разградување на алкохолот и неговите остатоци.

Порано сте можеле да излезете и да пиете до сабајле, а утредента се опоравувавте најдоцна до два попладне. Како што стареете, закрепнувањето станува подолго и поизмачувачко. Понекогаш тоа трае со денови.

Ова се биолошки факти. И додека не постои универзален лек за мамурлак, постои здрав разум – а тоа е да бидете нежни со себе, бидејќи биологијата сигурно нема.

Со возраста, се намалуваат нивоата на ензимите на црниот дроб – алкохол-дехидрогеназа и алдехид-дехидрогеназа, кои се потребни за разградување на алкохолот и неговите остатоци. Поради тоа, ацеталдехидот, еден од остатоците од алкохолот поради кој се чувствувате лошо, останува подолго во вашето тело, открива порталот The Cut.

Исто така, како што стареете, ќе ви биде потешко да се опоравите од се, велат научниците, бидејќи имунолошкиот систем постепено слабее. Телото сепак ќе знае само да се лекува и заштити, но не толку брзо како во младоста.

Покрај тоа, многу обврски доаѓаат со годините, па повеќе не можете да лежите цел ден и да се опоравувате како порано. Ова го прави мамурлакот потежок за поднесување.

Како што стареат луѓето, тие акумулираат се повеќе и повеќе телесни масти. Маснотиите не апсорбираат алкохол и оние кои го имаат потешко ги поднесуваат последиците од консумирањето алкохол.

По правило, жените имаат повеќе масти од мажите, а тоа е една од причините зошто не можат да пијат колку и мажите, и зошто побрзо се опиваат и потешко го поднесуваат мамурлакот.

Ако страдате од хронична болест, тоа значи дека лековите што ги земате може да го попречат разградувањето на алкохолот, па постои можност тој да остане подолго во вашето тело.

Слични содржини