Колку трансакциски сметки се блокирани минатата година?

од Vladimir Zorba

Бројот на блокирани трансакциски сметки на крајот од 2019 година изнесуваше 231,9 илјади или 5,85% од вкупните трансакциски сметки (коишто се во сопственост на 108,2 илјади депоненти) и оствари годишен пад од 2,1% во однос на 2018 година, покажуваат податоците на Народна банка.

Од нив, 191,3 илјади блокирани сметки им припаѓаат на 80,6 илјади физички лица, при што се забележува умерен пад од 1,2% на годишна основа (наспроти 193,6 илјади блокирани сметки во сопственост на 82 илјади физички лица во 2018 година). Бројот на блокирани сметки на правни лица (40,6 илјади блокирани сметки во сопственост на 27,6 илјади правни лица) е намален за 5,9% во споредба со изминатата 2018 година.

Вкупниот број платежни картички на крајот на 2019 година изнесуваше 1,8 милиони картички и бележи годишен раст од 1,4%. Од вкупниот број платежни картички, 80% им припаѓаат на платежни картички со дебитна функција и 20% се картички со кредитна функција, задржувајќи го истото структурно учество како во претходните три години. Притоа, физичките и правните лица најмногу ги поседуваат картичките од брендот Visa (54%), по што следува брендот MasterCard (42%), додека останатите брендови се релативно малку застапени (4%). Во 2019 година, издавачите на платежни картички во земјата продолжија со примената на напредните технологии на коишто се заснова работењето со платежните картички во картички со картички со контактно-бесконтактната технологија (годишен раст на контактно/бесконтактните картички од 29% во однос на 2018 година), вклучително и замена на платежните картички чијшто рок сè уште не беше истечен, со што на крајот од 2019 година контактнобесконтактната технологија беше применета кај 53,2% од вкупно 1,8 милиони платежни картички во циркулација во земјата.

Во 2019 година уште една банка го понуди виртуелниот паричник интегрирајќи ја бесконтактната картичка со мобилната апликација. Со ваквата технолошка иновација, кога сите неопходни елементи за безбедно и ефикасно извршување на плаќањето се интегрираат со мобилната апликација, домашниот пазар на платежни услуги се збогатува со модерен, удобен и сигурен начин за извршување на плаќањата, којшто ја исклучува физичката употреба на пластичната платежна картичка.

За примена на бесконтактната технологија, паралелно со растот на бројот на контактно-бесконтактните картички, забележлив е и годишен рaст од 8% на бројот на инсталирани уреди на продажните места коишто покрај контактна поддржуваат и бесконтактна технологија, со што достигнаа учество од 62,9% во вкупниот број уреди за електронски плаќања на физичките места на продажба на крајот на 2019 година (19.981 инсталиран контактно-бесконтактен уред од вкупно 31.644 уреди за електронски трансфер на средства на физички места на продажба).

Воведувањето на дигитализацијата на плаќањата во доменот на картичното работење доведе и до промена на навиките на плаќањата на физичките и правните лица, односно користење на придобивките на бесконтактната технологија, така што се зголеми бројот на плаќањата со контактнобесконтактните картички за 76% во 2019 година во однос на 2018.

Слични содржини