Колку вреди македонскиот пасош?

од Vladimir Zorba

Индексот на најпосакувани пасоши на Henley & Partners со којшто се оценува слободата на движење на носителите на патни исправи македонскиот пасош го рангираше на 47-мо место, а неговите носители може да патуваат без виза во 124 земји.

Индексот ги следи промените во секое тромесечје и во пракса, како што истакнуваат од Henley & Partners, бројот на достапни дестинации каде не треба виза значајно се разликува и зависи од тоа колку земјите се справуваат успешно со пандемијата.

Индексот не ги зема предвид ограничувачките мерки воведени од владите поради пандемијата, но ја актуелизира новонастанатата ситуација во пост-Ковид-19 светот, кога слободата на движење на граѓани на некои земји, како САД, Бразил и Русија, каде пандемијата не стишува, ќе биде сосема намалена.

На првите позиции според оваа ранг листа се Јапонија, Сингапур, Јужна Кореја и Германија.

Од земјите во регионот, највисоко е позициониран грчкиот пасош и тоа на осмо место. Потоа следуваат: Словенија (12), Бугарија (18), Хрватска (19), Србија (40), Црна Гора (47), Босна и Херцеговина (52) и Албанија (54).

На дното на листата се најде Авганистан, чии државјани може да патуваат без визи само во 26 земји во светот. Потоа следуваат: Ирак, Сирија, Пакистан и Сомалија.

Слични содржини