Комерцијална банка: Костовски нѝ должи речиси 7 милиони евра

од Nikola Popovski

„Како една од најтранспарентните компании во земјава и носител на бројни награди и признанија од реномирани меѓународни институции, меѓу кои и престижната награда Банка на годината, Комерцијална банка АД Скопје ја информира јавноста дека сите дезинформации и конструкции што во последните месеци ги изнесува г-динот Трифун Костовски против Комерцијална банка се плод на неговиот личен неуспех. Комерцијална банка како реномирана, професионална и одговорна компанија повеќе нема да дозволи да биде предмет на неосновани и паушални обвинувања“, се вели во реакцијата на Комерцијална Банка по изјавата вчера на бизнисменот во врска со префрлање пари на штедачи на Еуростандард банка.

„Комерцијална банка го потсетува г-динот Костовски дека неговиот проблем со Еуростандард банка датира од многу одамна и дека во многу наврати Комерцијална банка излегувала во пресрет на неговите бизнис потреби или проблеми.

Како прво, ќе го потсетиме, дека уште во 2006 година побара од Комерцијална банка да го преземе кредитот на неговата фирма Порцеланка од Еуростандард банка на период од 1 година, во кој требало да ја докапитализира Банката. Ни по една година, ни потоа кредитот не го врати. Со крајно дрско образложение нѐ информираше дека не може и нема да го врати, со што ја оштети Комерцијална банка за 3,7 милиони евра.

Како второ, тврдењето на г-динот Костовски дека по промената на Управниот одбор на Еуростандард банка биле прекинати односите со Комерцијална банка е чиста лага. Го потсетуваме дека на 24.09.2019 година, тој, Коста Костовски и Горан Трајковски дојдоа на состанок со членови на УО на Комерцијална банка за да побараат и понатаму да ѝ помагаме на Еуростандард банка преку пролонгирање на кредити на нејзини коминтенти додека Банката повторно не ја докапитализираат. Не знаеме дали и каква евиденција води г-динот Костовски, но овој состанок е уредно евидентиран во Комерцијална банка и за него постои белешка.

Како трето, на барање на г-динот Костовски, Комерцијална банка во 2019 година ѝ одобри кредит од 10 милиони евра на неговата фирма Гофи за докапитализација на Еуростандард банка, а како залог беа ставени 3.200 акции од Еуролинк осигурување. Овој кредит беше уредно вратен. Тоа што 10 милиони евра г-динот Костовски ги изгуби за шест месеци е негова лична одговорност и за тоа не му се виновни ниту НБРСМ, ниту Комерцијална банка, ниту Владата, ниту оштетените штедачи и клиенти на Еуростандард банка.

Како четврто, по отворањето стечај над Еуростандард банка, г-динот Костовски со образложение дека е под притисок и закани да врати долгови кон лица и фирми за земен субординиран кредит за Еуростандард банка, побара и доби од Комерцијална банка кредит од 2 милиони евра на име на неговата фирма Гофи, за кој се искористи постоечкото обезбедување. И покрај тоа, г-динот Костовски сега најдрско лаже дека Комерцијална банка, која му даде кредит кога ниеден друг субјект веројатно немаше ни да го сослуша, сакала да ја уништи Еуростандард банка.

Како петто, го потсетуваме г-динот Костовски дека на денешен ден ѝ должи на Комерцијална банка речиси 7 милиони евра и дека веќе неколку месеци не ги измирува обврските. Банката, во рамките на своите редовни процедури за работа, ќе започне со извршување на имотот што е ставен под хипотека.

Г-динот Костовски нека не го толкува ова како притисок да го замолчиме. Тој има обврска да го врати кредитот и слобода да зборува што сака. Г-динот Костовски во многу наврати нѐ потсетува на неговите успеси, бизниси, имоти, но веројатно заборава дека во целата збирка му фали една работа – огледало. Бидејќи г-динот Костовски тврди дека станува збор за ‘организиран криминал против Еуростандард банка’, кога би застанал пред огледало, ќе види кои се тие ‘носители на организираниот криминал’, кој е одговорен што Еуростандард банка отиде во стечај и кој е пријавен за перење пари.

Комерцијална банка последен пат ѝ се обраќа на јавноста во врска со лагите што ги изнесува или ќе ги изнесува г-динот Трифун Костовски. За нас случајот Еуростандард банка е затворен, а г-динот Костовски ќе го оставиме да си ја бара со аргументи правдата пред домашни и меѓународни институции“, се вели во реакцијата.

Слични содржини