Комисијата гласаше за одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на Собранието

од desk2

Со пет гласа „за“, деветчлената собраниска Комисија за мандатно-имунитетни прашања одлучи да му предложи Собранието да му го одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски, зашто смета дека е недостоен за пратеничката функција, откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ на СЈО.

На гласањето не присуствуваа членовите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие дојдоа на Комисијата, но по искажаните забелешки на Трајко Вељаноски дека се води политички, а не правен процес, ја напуштија седницата.

Претседателот на Комисјата Павле Богоевски, пак, кажа дека тој е за одземање на мандатот на Груевски бидејќи делата кои му се ставаат на товар го прават недостоен за вршење на пратеничката функција.

На седницата беше поканет и Груевски, но не присуствуваше бидејќи е на судење за предметот „Титаник“.

Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.

По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство.  Незивесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.

Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.

Поранешниот премиер Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот во „Тенк“ Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.с

Слични содржини