Компаниите со „Ковид4“ ќе можат да добијат грант и до 15.000 евра

од Andreja Salpe

Фирмите од туризмот, угостителството, ивент-индустријата, приватните здравствени установи, трговци поединци и занаетчии, од новата бескаматна линија „Ковид4“ ќе можат да добијат од 600 евра до 15.000 евра грант средства.

Условот да аплицираат за средствата е да имаат нови вработувања за најмалку 5 отсто и да ги зголемат приходите годинава за најмалку 10 отсто, во споредба со 2020. Тоа се едни од условите на бескаматната линија од петтиот пакет мерки, за која ќе може да се аплицира по објавување на јавниот повик кон крајот на мај, за што информираа министерот за финансии, Фатмир Бесими, и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, на прес-конференција.

За оваа мерка се издвоени 10 милиони евра од буџетот кои ќе се пласираат преку Развојната банка. Висината на поединечните кредити ќе изнесува од 3.000 до 30.000 евра и таа има за цел да ја поддржи ликвидноста во стопанството и да ја стимулира инвестициската активност на компаниите.

„Условите за оваа линија се направени така да ги наградуваат успешноста во работењето, инвестициите и проширувањето на капацитетите. „Ковид4“ линијата предвидува грантови за успешност во случај ако фирмите ги зголемат вкупните приходи во 2021 година за најмалку 10 отсто, споредено со 2020 година. Тогаш ќе имаат право за грант од 30 отсто од кредитот. Или доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5 отсто, ќе можат да побараат грант од 20 отсто. Доколку се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50 отсто. Вкупната сума може да биде од 600 евра, минимален износ, до 15.000 евра максимум. Фирмите ќе можат да поднесат барање за грант-средства до банката, во моментот кога ќе отплатат 40 отсто од кредитот“, објасни Бесими.

Слични содржини