Конфискација или уривање на дивоградбите? „Вака не се решава урбанистичкиот хаос, таквата градба е несигурна“

од Nikola Popovski

Конфискација наместо уривање на дивоградбите – вакво нешто предложи првиот човек на општина Центар, Горан Герасимовски. Тој на седница на ЗЕЛС порача дека доколку ова стане реалност, општините по конфискацијата ќе ги користат објектите за потребите на своите граѓани. Според него, општините ќе заштедат на средства наместо да трошат пари од буџетот за рушење.

Во исчекување на ставот на останатите градоначалници и општини, експертите сметаат дека механизмот конфискација е еден од многуте чекори во процесот за разрешување на бесправната градба. Архитектката и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска во разговор за „Локално“ вели дека иницијативата не е нешто за што не треба да се размислува, туку е нешто што во моментов не може да се предложи и да се практикува.

Даница Павловска

-Мислам дека иницијативата е од други побуди и дека е неспроводлива бидејќи бесправната и дивата градба е пред се несигурна. Треба да се провери од повеќе аспекти и за таквото нешто е потребен процес на ангажман на повеќе институции и стручни служби, за да добие статус на легитимна градба. Дури кога е легитимна, може да се конфискува за да се користи во други цели, смета Павловска.

Истакнува дека со ваквата одлука не се решава урбанистичкиот хаос. Тврди дека тоа е мерка за заплашување за идните инвеститори кои што се осмелуваат бесправно да градат.

-Самото име кажува дека нема статус, нешто што не е правно. За да биде правно треба да помине низ процес на стручна обработка. За да добие легитимитет, сите аспекти треба да бидат покриени за да може да опстане. Еден најобичен пример: Ако некоја дивоградба е на траса на сообраќајница, вие и да ја конфискувате, не можете да го користите затоа што морате да го урнете кога ќе се гради сообраќајницата. Има многу такви примери, порачува Павлоска.

Архитектката појаснува дека сите овие закони за бесправни градби, како легализација и различни имиња на закони, се всушност увид во она што се прави бесправно, затоа што самите сопственици ги пријавуваат своите објекти и таквиот преглед им користи на Катастар, на државните институции и оние што се занимаваат со студии.

-Тоа е вредноста на таквото нешто, инакува бесправната градба само така легализирана, не е суштински легализирана. Таа му пречи на системот. Ако викате урбан хаос, тоа настанува и од рушење на системот преку ваквите влијанија, ни рече Павловска.

Соговорничката додава треба да се менува атмосферата што се создава за да може дрско и окупаторски да се однесуваат многу субјекти кои што градат.

-На таа атмосфера, превентивна мерка како заплашување може да биде дека државата ќе ги конфискува објектите преку законската регулатива. Тоа е еден психолошки момент, но суштински е многу деликатно. Тоа би бил завршен чекор во целиот процес на регулирање на бесправната градба, заклучува архитектката.

Н.П.

Слични содржини