Констатиран прекинот на мандатите на обвинителите на СЈО, се враќаат во матичните обвинителства

од Vladimir Zorba

Советот на јавни обвинители денеска го констатира прекинувањето на мандатот на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, откако во саботата беше разрешена нивната шефица Катица Јанева.

Претседателот на Советот, Ацо Колевски, по седницата изјави дека досегашните обвинители на СЈО треба да се вратат во нивните матични јавни обвинителства.

Тимот на Јанева, избран во октомври 2015 година, го сочинуваа обвинителите Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска, Артан Ајро, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Љубомир Лапе, Стефчо Донев, Трајче Пеливанов и Елизабета Јософовска. На почетокот на 2016 година, иако првично избрано, Јанева побара да бидат отстранети обвинителките Марија Ѓоргева и Лејла Кадриу.

Во саботата, по едногласната одлука на Собранието, Советот ја разреши специјалната јавна обвинителка која е во притвор за случајот „Рекет“.

Предметите на СЈО ги презеде Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески најави дека постапувањето по предметите на СЈО ќе продолжи, но оти се уште не е утврено кој ќе ги застапува.

Јовески може да им ги додели предметите и на обвинителите од СЈО кои и досега ги водеа.

Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелациониот суд.

Слични содржини