Концерт на пијанистот Александар Гаџиев на „Охридско лето“

од desk4

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на пијанистот Александар Гаџиев.

Александар Гаџиев потекнува од семејство на музичари, неговите родители се професори по пијано. Роден е во Гориција во Италија, природен крстопат на бројни култури и јазици и уште од детството е задоен со квалитетите на централно-европската култура и поднебје. Пијано започнува да учи под менторство на неговиот татко, познат руски професор, и првиот настап со оркестар го има на девет годишна возраст, а солистички рецитал остварува уште на десет години. Во 2013 година настапува на 30. јубилеен натпревар „Премио Венеција“, и во конкуренција на најдобрите млади пијанисти од Италија го освојува првото место. Победата му овозможува бројни рецитали низ Италија но и во Лондон, Париз, Мадрид, Даблин. Само две години подоцна победува и на престижниот натпревар Хамаматсу во Јапонија, како и наградата од публиката по што е редовно канет концертно да настапува во Јапонија, и на значајни фестивали како фестивалот Вербие, „МиТо“ фестивалот во Торино, „Шопен“ фестивалот во Душники, Интернационалниот фестивал „КлавиКелн“ во Дизелдорф, фестивалите во Кордоба, Љубљана, Болоња, Виченца, Париз, Равена и фестивалот за камерна музика во Салцбург.

Во октомври 2018 година Гаџиев само го потврдува своето место на интернационалната музичка сцена победувајќи на натпреварот за пијанисти во Монте Карло на кој шанса да се натпреваруваат имаат само лауреати на светски натпревари. Претседателот на жирито Филип Ентремонт му ја доделува наградата „Принц Рение III“ која му обезбедува бројни концерти во Франција и низ Европа.

Гаџиев настапувал во некои од најзначајните концертни сали во Италија, но и во Токио, Осака, Сапоро, Париз, Москва, Солт Лејк Сити, Истанбул, Барселона, и со оркестри како Симфонискиот оркестар во Токио, оркестрите во Кјото и Нагоја, Прашкиот симфониски оркестар, Оркестарот во Ерусалим, како и оркестарот на Централна Европа. Имал привилегија да соработува со исклучителни диригентски имиња како што се: Јуриј Темирканов, Казуки Јамада, Марек Пијаровски, Антон Нанут, Ен Шао, Џанлука Мартиненги, Тицијано Северини и многу други.

Неговото следно снимено издание со наслов „Литературни фантазии“ ќе биде објавено во септември и содржи дела од Шуман и Лист.

Александар Гаџиев моментно студира со Павел Гилилов на престижната академија „Моцартеум“ во Салцбург, а се усовршува на мајсторски курсеви на Епан Пијано Академијата и на академијата која е дел од фестивалот Вербие во Швајцарија.

Кнцертот на маестро Гаџиев ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

Слични содржини