Концетрацијата на јаглерод-диоксид во земјината атмосфера е повисока отколку во последните 3 МИЛИОНИ ГОДИНИ

од Vladimir Zorba

Големата глобална климатска конференција COP26 започнува следниот викенд во Глазгов, при што се очекуваат значајни одлуки да ја одредат иднината на борбата против климатските промени. Токму на париското издание на таа конференција во 2015 година беше потпишан Парискиот договор за климата, чии цели сè уште претставуваат насоки во политиките за животна средина за речиси целиот свет.

Неколку дена пред почетокот на оваа конференција, Светската метеоролошка организација (СМО) го објави својот редовен билтен за стакленички гасови, кој, како и неодамнешниот извештај на IPCC, звучеше прилично алармантно. Во него се наведува дека нивоата на стакленички гасови забележани во текот на 2021 година повторно се зголемуваат, што е само продолжение на трендот што е видлив во последната деценија.
Минатата година, покрај тоа, сруши неславен рекорд, и покрај затворањата на големите индустриски гранки и намалениот сообраќај поради пандемијата на коронавирус.

Загрозени целите на Парискиот договор

Нивоата на јаглерод диоксид во атмосферата, според СMO, достигнаа 413,2 ppm (делови на милион), што претставува 149% од прединдустриските нивоа. Метанот е на 262%, а азотниот оксид на 123% во споредба со нивото од 1750 година. Во извештајот се вели и дека забавувањето на економската активност поради пандемијата немало забележливо влијание врз нивото на стакленички гасови во атмосферата на Земјата и нивниот тренд на раст, иако е забележан привремен пад на новите емисии.

Сè додека емисиите продолжуваат да растат, така ќе расте и просечната температура на светот, велат авторите на извештајот. Со него ќе се зголеми зачестеноста на екстремните временски настани, ќе се стопат глечерите, ќе се подигне нивото на морето, а сето тоа ќе има далекусежни социо-економски последици.

„Скршнавме од патот“

„Овој извештај носи силна научна порака за преговарачите за климатски промени на COP26. Со сегашните стапки на раст на концентрацијата на стакленички гасови, до крајот на овој век ќе имаме пораст на температурата значително повисок од целите на Парискиот договор од 1,5 до 2 °C над прединдустриските нивоа“, рече генералниот секретар на СМО, Петри Таалас.

„Ние значително скршнавме од патот“, додаде тој. „Последниот пат кога Земјата доживеа споредлива концентрација на CO2 беше пред 3-5 милиони години, кога глобалните температури беа 2-3 ° C повисоки, а нивото на морето 10-20 метри повисоко од денес. Но, тогаш немаше 7,8 милијарди луѓе“, предупредува Таалас и посочува дека на конференцијата COP26 треба да се постават поамбициозни цели.

Драматичното зголемување на обврските што ќе ги преземат земјите мора да биде придружено со активности насочени кон намалување на емисиите на стакленички гасови.

„Ќе мораме да ја ревидираме нашата индустрија, енергетските и транспортните системи и нашиот целокупен начин на живот. Потребните промени се и економски остварливи и технички изводливи. Немаме време за губење“, додаде шефот на СМО.

Слични содржини