Конвој од 50.000 камиони пристигна во Отава поради протест на антиваксери (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Огромен конвој од околу 50.000 канадски возачи на камиони во колона од околу 64 километри пристигнале во Отава пред планираниот протест против задолжителната вакцинација што ќе се одржи викендов. Во меѓувреме, канадскиот премиер Џастин Трудо го напуштил својот дом во Отава со своето семејство и се префрлил на тајна локација.

Канадскиот премиер Џастин Трудо и неговото семејство го напуштиле домот во Отава и заминале на тајна локација, јави Си-Би-Ес.

Џастин Трудо претходно изјави дека постои „мало маргинално малцинство на неприфатливи ставови што е на пат кон Отава“, нагласувајќи дека речиси 90 отсто од неговата земја е вакцинирана. Меѓутоа, возачите во таканаречениот „Конвој на слободата“ се лути поради неговата изјава и планираат викендов да покажат незадоволство во канадската престолнина.

Висок парламентарен функционер ги предупреди пратениците да ги избегнуваат протестите и да ги заклучат вратите поради извештаите дека нивните приватни домови може да бидат цел.

Конвојот ја напушти Британска Колумбија во неделата, а му се придружија и други демонстранти од источниот и јужниот дел на земјата. Американските камионџии, на кои им е дозволен влез во Канада само ако се вакцинирани, исто така се приклучија на огромниот конвој.

Иако лидерите на протестите повикаа на мирен протест, некои изјави на некои учесници вклучуваа и закани со насилство. Полицијата во Отава најави дека ќе биде подготвена да го уапси секој што ќе го прекрши законот, пренесува „Дејли мејл“.

Од 15 јануари, сите канадски возачи на камиони кои не биле вакцинирани мора да се тестираат на Ковид 19 и да бидат ставени во карантин кога ќе се вратат од САД. Не смеат да влезат во САД освен ако не се вакцинирани, а американските возачи не смеат да влезат во Канада доколку не покажат сертификат. Сепак, американските возачи кои се враќаат во САД не мора да покажат негативен тест или да бидат ставени во карантин.

Дури 32.000, или 20 отсто, од 160.000 прекугранични возачи на камиони од Канада и САД би можеле да бидат исклучени од патиштата поради задолжителна вакцинација, проценува Канадската транспортна компанија.

Од друга страна, канадскиот синдикат на камионџии го отфрли протестот и објави дека повеќе од 85% од камионџиите се вакцинирани.

Многу камионџии, исто така, објавија на социјалните мрежи дека продолжуваат да ја вршат својата работа и дека конвојот не ги застапува нивните права.

Канада усвои некои од најстрогите протоколи за Ковид-19 во светот. Онтарио ги затвори своите ресторани, спортски сали и кина на почетокот на овој месец, а повторно ќе ги отвори само на почетокот на февруари.

Вакцинацијата е задолжителна за работниците во јавните претпријатија од минатата година, а премиерот на Квебек најави дека планира казни за невакцинираните жители кои немаат медицинска причина да не ја примат вакцината.

Слични содржини