Конзервативните лидери зборуваат за „семејни вредности“ на самит во Унгарија

од Vladimir Zorba

Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс и други конзервативни лидери се очекуваат на форумот за демографијата и семејните вредности во Будимпешта во четврток, што ќе го зајакне угледот на Унгарија како бастион на конзервативизмот во Европската унија.

Унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан, на власт од 2010 година, се карактеризира како „нелиберален“ бранител на „христијанска Европа“, кој честопати се судира со Брисел поради антимигрантската политика и ЛГБТК заедницата.

Таканаречениот „Демографски самит“ во Будимпешта, првпат одржан во 2015 година, се одржува на секои две години за да изрази противење на миграцијата и да ги повика паровите христијани да имаат повеќе деца.

Заедно со Пенс и Орбан, на дводневниот настан ќе учествуваат шефовите на држави на Чешка, Полска, Словенија и Србија, како и полемичарот на екстремната десница, Ерик Земур, за кој се верува дека ќе се кандидира за француски претседател.

„Мислам дека Виктор Орбан ја разбра еволуцијата на светот … и го брани идентитетот на својата земја, а потоа и на Европа“, рече Земур во вторникот за CNews, канал кој критичарите омаловажувачки го нарекуваат „French Fox News“.

На последниот форум во 2019 година, Орбан им рече на меѓународните политичари, верски личности и дипломати дека миграцијата придонесува за „раселување на населението“, термин што се користи во екстремно десничарските кругови.

Претходно истата година, Орбан објави пакет финансиски стимулации за зголемување на наталитетот, вклучително и даночен кредит за жени со четири или повеќе деца.

Габор Ѓори од аналитичкиот центар „Полиси солушнс“ со седиште во Будимпешта, рече дека Орбан ги поздравил политичарите и влијателните луѓе со „раширени раце“, кои стануваат се подесничарски и „повеќе не можат да најдат сојузници во европскиот конзервативен мејнстрим“.

Конзервативниот американски телевизиски водител Такер Карлсон, еден од најпопуларните коментатори на Фокс, емитуваше цела недела од Унгарија минатиот месец, фалејќи го Орбан.

Во разговорот со Карлсон, Орбан предупреди за „мешање“ на парламентарните избори следната година, на кои се очекува тесна трка.

„Очигледно меѓународната левица ќе направи се што може, веројатно и повеќе од тоа, за да ја смени владата овде во Унгарија“, рече Орбан.

Антиимигрантската политика на 58-годишниот унгарски политичар, како што е поставување огради на границата, беше пофалена и од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кого Орбан го нарече „голем пријател на Унгарија“.

Од друга страна, тензиите меѓу Унгарија и партнерите од ЕУ избија во јуни, овојпат поради контроверзниот закон одобрен од унгарскиот парламент – забрана за „промовирање“ на хомосексуалноста на малолетници.

Орбан минатата недела ја обвини ЕУ дека не го прифаќа планот за закрепнување на неговата влада во пандемија на коронавирус поради спор околу ЛГБТК правата.

ЕУ инсистира дека проценката на планот за закрепнување не вклучува ЛГБТК закон и дека причината за одложувањето е поради недоволната борба на Унгарија против корупцијата и недостатокот на гаранција за независност на судството.

Слични содржини