Користеле деца за да видат дали Tesla автомобил сам ќе застане

од Vladimir Zorba

YouTube го отстрани видеото во кое деца се користат за тестирање дали софтверот за целосно автономно возење на Tesla ќе ги препознае и ќе застане.

Видеото беше објавено на YouTube профилот Whole Mars Blog минатата недела, откако Омар Кази, кој ја води сметката на фановите на Tesla, ги покани родителите во Сан Франциско да го тестираат софтверот со своите деца. Еден од инвеститорите на Tesla, претприемачот Тад Парк, одговори на неговата покана. За тестирање ги користел ќерката и петгодишниот син.

Портпаролот на YouTube изјави за CNBC дека клипот е отстранет затоа што ги прекршува неговите упатства за содржина што ги загрозува малолетниците.

„YouTube не дозволува содржини што прикажуваат малолетници кои учествуваат во опасни активности или што ги поттикнуваат малолетниците за опасни активности. По прегледот, ја отстранивме содржината“, изјави портпаролот за CNBC.

Кази не сакаше да го коментира случајот, а потоа на Twiiter објави алтернативен линк до видеото.

Парк, кој учествуваше на тестот заедно со синот и ќерката, изјави за Инсајдер дека YouTube бил под притисок од медиумите да го отстрани видеото, кое го смета за „бенигно“.

„Ова не беше тест. Тоа беше едноставно демонстрација на способноста на системот да препознава пешаци“, рече Парк.

Тој истакна дека автомобилот не одел побрзо од 13 км/ч за време на тестовите на кои учествувале неговите деца и дека бил подготвен да го запре автомобилот доколку системот не го запре возилото.

Повикот до луѓето да ја тестираат Tesla на нивните деца дојде откако автомобилскиот критичар Ден О’Дауд тврдеше дека софтверот на Tesla не успеал да препознае кукла со големина на дете и наместо тоа удрил во неа. Ова предизвика бес кај љубителите на електричните автомобили, кои сакаа да го одбранат системот.

Слични содржини