КОРОНА ВО СИДНЕЈ: Австралија испрати војници да ги контролираат граѓаните

од Stefanija Kuzmanovska

Австралија испрати стотици војници во Сиднеј за да помогнат во спроведувањето на „заклучувањето“ откако позаразниот делта-вирус, кој се појави во јуни, предизвика градот да пријави 3.000 заразени и девет починати.

Затворањето, таканаречен „локдаун“, кое е во сила барем до 28 август, значи дека луѓето не можат да ја напуштат куќата освен во случај на неопходни потреби – купување намирници, грижа за немоќните и други, итни причини, пренесува Би-Би-Си. .

И покрај петнеделното затворање, бројот на заразени лица во најголемиот град во Австралија продолжува да расте. Денес се регистрирани 170 нови случаи.

Патролирањето на армијата по улиците започнува во понеделник и пред да и се придружи на полицијата во спроведувањето на мерките, кои вклучуваат забрана за возење повеќе од 10 километри од дома, војниците ќе треба да поминат обука за време на викендот.

Министерот за полиција Дејвид Елиот изјави дека армијата ќе патролира по улиците поради малиот број луѓе во Сиднеј кои мислат дека „правилата не важат за нив“.

Здравствените работници проценуваат дека вирусот најчесто се шири надвор од дозволеното движење, во големи семејства во посиромашните и етнички разновидни предградија на градот.

Здружението на австралиски правници оцени дека испраќањето војска во либерална демократија е „загрижувачко“.

Критичарите велат дека сиромашните западни и југозападни области, каде живеат околу два милиони луѓе, веќе се соочуваат со зголемени полициски мерки и дека ограничувањата таму се построги отколку во остатокот од Сиднеј.

„Овие луѓе се меѓу најсиромашните и веќе се чувствуваат маргинализирани. Не можат да си дозволат хипотека, кирија, храна, одење на работа. Испраќањето војска кај нив ќе биде голем проблем”, рече локалниот службеник Стив Христу.

Други ги повикаа австралиските власти да ја засилат кампањата за вакцинација и да ги поддржат заедниците кои се особено погодени. Во Австралија, само 17 проценти од возрасните се вакцинирани, што е најниско меѓу развиените членки на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој).

Слични содржини