Короната ги наполни болниците во Франција, Германија и Велика Британија

од Stefanija Kuzmanovska

Франција во моментов е дефинитивен рекордер во Европа според дневниот број на заболени со корона, а бројот на новозаразени за 24 часа надминува 13.000. Во болниците има близу 6.000 пациенти, а повеќе од илјада се на вештачка вентилација, за првпат после 8 јуни, пренесе „Нова.рс“.

Во просек, во последните седум дена, секој ден има по 11.680 новозаболени од вирусот Ковид19 во Франција. По Советот за одбрана, француските власти усвоија нови мерки за спречување на натамошно ширење на епидемијата. Најкритично е околу градовите Екс во Прованса и во Марсеј, како и на Гваделупе, каде се воведени драстични мерки, вклучително и целосно затворање на барови и ресторани на две недели, што предизвика бунт на вработените.

Веќе има притисок врз лекарите во болниците, особено во Лион и Марсеј. Им недостига работна сила, а на резултатите од тестовите се чека дури и една недела. Сето ова е последица на масовното враќање од годишните одмори, како и од опуштањето на младите.

Сепак, владата инсистира на тоа дека мора да се одржи економијата и дека земјата не може да си дозволи да го повтори општиот карантин, бидејќи на економијата веќе ќе ѝ бидат потребни најмалку три години за да се опорави. Меѓутоа има се повеќе лекари кои сметаат дека е подобро да се прибегне кон карантин што е можно поскоро, бидејќи животот е најважен.

И Германија и Велика Британија рушат рекорди

Во четвртокот вечерта, здравствените власти во сојузните држави на Германија пријавија вкупно 2.075 нови инфекции на коронавирус. Најголем број нови инфекции има повторно во Северна Рајна-Вестфалија (489), по што следат Баварија (361) и Баден-Виртемберг (252).

Со повеќе од 6.000 нови случаи во еден ден, Велика Британија достигна највисоко ниво на нови инфекции на коронавирус од почетокот на мај. Релевантната владина агенција во средата соопшти дека има 6.178 нови позитивни случаи.

Слични содржини