Короната однесе повеќе од 900.000 животи, СЗО вели дека недостасува солидарност

од Vladimir Zorba

Светската здравствена организација (СЗО) во четвртокот се пожали на „недостаток на солидарност“ и ги повика суперсилите да преземат „лидерство“ во справувањето со пандемијата „Ковид-19“, бидејќи бројот на жртвите во светот надминува 900.000.

„Она што најмногу ме загрижува … е недостатокот на солидарност“, рече директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејеус на виртуелна прес-конференција.

„Потребна ни е солидарност и светско лидерство, особено на суперсилите. Само тогаш ќе можеме да го победиме овој вирус“, предупреди тој.

И директорот на СЗО за итни здравствени кризи, Мајкл Рајан, предупреди дека крајот на пандемијата сè уште не е на повидок.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, побара нови 35 милијарди долари, вклучително и 15 милијарди долари во текот на следните три месеци, за програмата „ACT Accelerator“ на СЗО за поддршка на развој на вакцини, третман и дијагностика на Ковид-19.

Досега се собрани три милијарди долари, рече Гутереш, што е помалку од 10 проценти од износот што му е потребен на СЗО за програма формално наречена „Acces to COVID-19 Tools (ACT) Accelerator.“

Финансиската поддршка досега заостануваше зад целите, а државите и владите, вклучувајќи ги Европската унија, Велика Британија, Јапонија и САД, склучуваат билатерални аранжмани за вакцини, што ги натера Гутереш и генералниот директор на СЗО, Гебрејеус, да ги повикаат државите да дадат поголем придонес.

Бројот на загинати од Ковид-19 ширум светот надмина 900.000 во средата вечерта, според пресметката објавена од АФП во средата во 23.30 часот по средноевропско време врз основа на официјалните податоци.

На 11 септември се навршуваат точно шест месеци откако СЗО прогласи пандемија на Ковид-19, по што беше воведен карантин и светската економија запре. Во времето на пандемијата започна трката за вакцина, особено во двете најтешко погодени земји, САД и Бразил.

СЗО, во својот последен извештај објавен во средата, презентираше податоци за 35 „кандидати за вакцини“ кои се клинички тестирани на луѓе ширум светот. Девет од нив се во завршна фаза или пред неа. Ова е „трета фаза“ во која ефективноста се мери на илјадници волонтери.

СЗО, сепак, не очекува масовна вакцинација пред средината на 2021 година.

САД поминаа најлошо и кај смртните случаи и во однос на заразени, со 191.168 починати. Следи Бразил со 128.539 смртни случаи, Индија со 75.062, Мексико со 69.095 и Велика Британија со 41.608.

Слични содржини