Коронавирус: Што да направите доколку почувствувате симптоми

од Stefanija Kuzmanovska

Имате покачена температура, кашлица, кивате или отежнато дишете и сте загрижени дека можеби сте се заразиле со коронавирусот? Лекарите советуваат да не одат во здравствени центри затоа што избегнувањето на гужви е една од основните превентивни мерки, објавува Би-би-си.

Наместо да излезете од дома, препораката е да им се јавите на лекарите, да им објасните какви симптоми имате и да го послушате нивниот совет за тоа дали треба да се самоизолирате или тестирате.

Се советува да не земате антибиотици без надзор на вашиот лекар затоа што покачената температура, кога станува збор за коронавирусот, нема да ја намалат овие лекови.

Симптомите како што се покачена температура и отежнато дишење не мора да значи дека укажуваат на коронавирус. Размислете дали сте биле во контакт со некој што доаѓа од загрозените области како што се Италија, Кина или Јужна Кореја.

Иако се многу слични, грипот и коронавирусот се разликуваат токму во температурата. Додека грипот се појавува нагло и температурата веднаш скокнува и станува висока, коронавирусот постепено се развива, температурата првично е благо покачена и полека се зголемува, како и останатите симптоми.

Дали можете да се тестирате?

Лекарите ќе одлучат дали има потреба да се тестирате.

Се тестираат само лица кои имаат симптоми или биле во контакт со некој за кој постои сомневање дека е заразен.

Потребни се пет или шест дена вирусот да се појави во слузокожата на грлото од каде се зема брисот. Ако некој се тестира порано, тестот ќе биде негативен иако лицето можеби е заразено.

Што е со вакцината?

Во моментов нема вакцина која може да ги заштити луѓето од оваа болест.

Истражувачите ја развија вакцината и започнуваат со тестирање на животни. Доколку резултатите се задоволителни, подоцна годинава може да почне со тестирање на луѓе.

Но, дури и ако успеат да ја направат вакцината пред крајот на годината, ќе треба време да се произведе во големи количини.

Тоа значи дека вакцината може да биде готова кон средината на 2021 година, во најдобар случај.

Слични содржини