Коронавирусот доведе до намалување на загадувањето ширум светот

од Vladimir Zorba

Пандемијата на коронавирусот предизвика застој во индустриската активност, предизвикувајќи привремен пад на нивото на загадување на воздухот ширум светот, покажаа сателитски слики од Европската вселенска агенција.

Експерт изјави за „Гардијан“ дека оваа промена е „експеримент од најголеми размери досега“ во однос на намалувањето на индустриското загадување.

Сликите на сателитот „Сентинел-5П“ на Европската вселенска агенција (ЕСА) покажуваат дека нивоата на азот диоксид (NO2) над градовите и индустриските области во Азија и Европа се значително пониски во последните шест недели отколку во истиот период минатата година.

Азотниот диоксид се произведува од автомобилски мотори, фабрики и други индустриски процеси и се смета дека ги влошува респираторните заболувања како што се астмата.

Иако самиот по себе не придонесува за стакленички гасови, овој загадувач потекнува од истите активности и индустриски сектори одговорни за голем дел од емисии од јаглеродот во светот и кои потикнуваат глобално затоплување.

Пол Монкс, професор во областа на загадувањето на воздухот на Универзитетот во Лестер, верува дека има важни лекции што треба да се научат.

„Сега, ненамерно, спроведуваме експеримент од најголем обем досега. Дали гледаме во она што може да го видиме во иднина ако преминеме на ниско ниво на јаглерод? Не сакам да ја минимизирам загубата на животи, но ова би можело да ни даде надеж да излеземе од ужасната ситуација и да видиме што може да се постигне “, рече тој.

Монкс, кој е поранешен шеф на советодавниот одбор за квалитетот на воздухот на владата на Велика Британија, рече дека намалувањето на загадувањето на воздухот може да донесе здравствени придобивки, но не може да направи надомест за губење на животот поради пандемија.

„Голема е веројатноста дека намаленото загадување на воздухот ќе им користи на луѓето кои спаѓаат во ранливи категории, како што се оние со астма. Исто така, може да го забави ширењето на инфекцијата, бидејќи високите нивоа на загадување на воздухот придонесуваат за полесна инфекција бидејќи го засилува воспалението и го намалува имунитетот“, рече Монкс, додавајќи дека намаленото загадување на воздухот исто така може да доведе до развој на земјоделството бидејќи загадувањето се заканува на растот на растенијата.

Светската здравствена организација (СЗО) го опишува NО2 како „токсичен гас што предизвикува значително воспаление на дишните патишта“ кога неговата концентрација е над 200 микрограми на метар кубен. Честичките од загадување исто така можат да ги забрзаат патогените микроорганизми и да ги влошат постојните здравствени проблеми. СЗО сега истражува дали честичките во воздухот може да биде еден од преносителите на вирусот корона што придонесува за заразата.

Едно од најголемите падови на нивото на загадување може да се види над градот Вухан, во централна Кина, кој беше ставен под сериозна изолација на крајот на јануари. Со население од 11 милиони, овој град е најголем центар за транспорт и има стотици фабрики за авто делови за глобални ланци на снабдување.

Според податоците објавени од НАСА, нивото на азотниот диоксид низ источна и централна Кина сега е 10 до 30 проценти пониско од вообичаеното. Нивото на NO2 исто така падна во Јужна Кореја, која долго време се боре со проблемот со високи емисии од многуте постројки што горат јаглен, како и од блиските индустриски постројки во Кина.

Земјата избегна карантин на сите региони, но вредно работи на откривање и изолирање на случаи на инфицирани со вирусот.

Промените над северот на Италија сега се особено впечатливи бидејќи чадот од густите индустриски области инаку се задржува заради Алпите на крајот на Долината По, со што оваа област е една од фокусите на загадување во Западна Европа. Од изолацијата на земјата на 9 март, нивото на NO2 во Милано и другите делови на северна Италија се намали за околу 40 проценти.

„Тоа досега не е регистрирано. Имаше многу варијации во нивото на загадување во минатото поради временските услови, но намалувањето никогаш не траеше долго“, вели Винсент-Хенри Пејч, директор на Центарот за атмосферски мониторинг „Коперник“.

Застојот на активноста во срцето на индустриското производство во Италија придонесе за ова, а друг фактор е намалувањето на патниот сообраќај, за кое се смета дека е најголем придонес во емисијата на азот диоксид во Европа.

Пејч вели дека сателитите сега почнуваат да снимаат слични сигнали од други европски градови кои преминале во изолација, иако овие податоци мора да се следат подолг период за да се потврди шемата.

Иако Велика Британија е повеќе од една недела зад Италија во однос на ширењето на инфекцијата и реакцијата на властите, центрите за набљудување на ситуацијата на патиштата веќе бележат значително намалени нивоа на загадување на места кои не се во фокусна точка, како што е областа Мерилбон во Лондон.

Слични содржини