Коронавирусот најактивен во три града

од Берта Китинска

Изминатава недела според податоците на Институтот за јавно здравје забележан е пораст на бројот на новозаразени како и на починати лица.

Според место на постојано живеење или повремен престој, најголем дел регистрирани со ковид 19 се  во Скопје, Прилеп, Куманово, Тетово, Гостивар, Кавадарци, Штип, Велес, Битола и Охрид додека највисок морталитет се регистрира во Прилеп, Крушево, Охрид и Струга.

Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Кавадарци со 8.997,5 на 100.000 жители, Неготино (8.240,5/100.000) и Скопје (8.083,1/100.000), а најниска инциденца со 2.322,1 заболени на 100.000 жители се регистрира во Македонски Брод.

Се забележува зголемување на бројот на заболени во сите извештајни единици освен во Дебар, Делчево, Виница и Кратово каде има намалување на бројот на новозаболени кога се анализираат двата двонеделни периоди

Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година (просек – 45,5 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 26.952 (23,9%) со инциденца од 7.031,8/100.000, а највисока специфична инциденца од 7.359,4/100.000 се регистрира на возрасната група од 50-59 години (20.463 заболени). Најниска инциденца од 984,8 и 1.973,5 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 2.254 и 4.938 случаи соодветно.

Министерот за здравство Венко Филипче заедно со Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок на кој може ќе се разговара за нови евентуални рестриктивни мерки кои би ги предложила до Владата.

„Закажан е состанокот на Комисијата за заразни болести. Ќе се анализираат трендовите и инциденцата по региони како и бројот на хоспитализирани. Засега не можам да кажам дали ќе имаме нова препорака до владата или не“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Откако ќе заврши состанокот, министерот ќе одржи прес конференцијата во 11 часот.

Слични содржини