Коронавирусот зема замав, забрането групирање на јавни површини

од Берта Китинска

Скопје е на врвот на листата по бројот на заболени лица,  Аеродром со денови има најмногу активни случаи на Ковид-19 во рамките на Скопје, но и на национално ниво.

Владата на вчерашната седница донесе одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор во текот на целиот ден, со дефинирани исклучоци од оваа забрана.

Претходно, забраната за групирање важеше само по 21 часот, информираат од владината прес-служба.

Бесплатната вакцинацијата

Бесплатната вакцинацијата против сезонски грип почнува денеска во шесте поликлиники на територија на град Скопје и тоа во Ѓорче Петров, Букурешт, Чаир, Бит Пазар, Ченто и Јане Сандански во рамки на Здравствен дом Скопје. Вакцинацијата ќе се одвива секој работен ден во периодот од 14 часот до 19 часот, информираа за МИА од Здравствен дом Скопје.

Министерството за здравство минатата недела соопшти дека вкупно се набавени 40.000 дози на четиритипни вакцини кои се наменети за бесплатна вакцинација на ризичните групи во кои спаѓаат стари лица на возраст над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години. Вакцините се производ на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 40.275, бројката на оздравени пациенти е 24.229, на починати е 1.156, а бројот на активни случаи изнесува 14.890.

Слични содржини